Заев: Македонија се менува, станува подобра, нема назад

 

Македонија се менува, станува подобра и нема назад, нема да ја изневерам вашата доверба, го имате мојот збор, порача вечерва претседателот на СДСМ Зоран Заев.

- Од вас граѓаните бараме поддршка како здружена коалиција на левичари, десничари, од центарот, либерали, зелени, сите. Да изградиме услужни и развиени општини, во кои луѓето ќе живеат и работат квалитетно еден покрај друг, во општини и градови кои ќе работат за граѓаните, нагласи тој на централниот митинг во Скопје на коалицијата „Живот во Македонија“, предводена од СДСМ.

Заев додаде дека во изминатите четири месеци, откако почна со работа новата Влада поставени се нови принципи и политики.

- Покажавме дека сме луѓе од збор, дека сме сериозно домаќински посветени и дека во Македонија чесно може да има реална промена, порача лидерот на СДСМ. 

Како симбол на новото време најави дека „тенкот“ на Никола Груевски, односно владиниот мерцедес од 600 илјади евра ќе биде продаден и со парите од неговата сегашна вредност ќе се купат амбулантни возила.

Барајќи ја поддршката од граѓаните Заев ја потенцираше соработката на централната со локалната власт и потсети дека изминатите четири месеци е создаден план за економски раст, домашните фирми се во фокусот, а има поддршка и за странските инвеститори.

Државата, рече тој, ќе пушта пари во стопанството за да го спречи одливот на младите и ќе ги помага земјоделците. Тој најави дека за развој на бизнисот во Македонија од буџетот за 2018 планирани се милион евра и стотина милиони евра од Светска банка и други финансиски институции.

Заев истакна дека новата Влада за четири месеци ја извекла Македонија од меѓународна изолација.

- Се помиривме со сите соседи. Од Бугарија направивме пријател и сојузник за евроитнеграциите. Ги стабилизиравме и унапредивме односите со Србија. Односите со Албанија и Косово ни се на највисоко ниво и без отворени прашања. Имаме искрен дијалог со Грција. Македонија денес е пријател со соседите, земја која цврсто чекори кон НАТО и ЕУ, порача Заев.

Тој изрази верување дека Македонија ќе биде 30. членка на НАТО. 

- Денеска ја барам поддршката заедно да ја ослободиме Македонија од остатоците од режимот, да дојде подобар живот во секое село, секој град. Се здруживме со граѓанските организации и со 22 политички партии и од вас бараме поддршка да изградиме слободни, услужни и развиени општини, кои ќе работат и ќе ги поврзуваат граѓаните и кои ќе ги враќаат парите, назад кон граѓаните, рече Заев.

Кандидатите за градоначалници на коалицијата, предводена од СДСМ, како што порача Заев акцент ќе стават на тоа граѓаните во општините да одлучуваат за тоа како ќе се трошат парите, на чистата животна средина, која подразбира чист воздух и чиста вода за пиење. 

На централниот митинг во Скопје Заев вети дека Владата ќе ги помага градоначалниците и советите да пуштат повеќе пари кај граѓаните, да создаваат повеќе можности за работа за младите, како и да нудат услови за поквалитетно образование и здравство во нивните села и градови.

- Сакаме преку ефективна децентрализација да ги оспособиме општините,  да им ги дадеме сите алатки за да можат да работат во интерес на граѓаните, рече Заев.

Тој истакна дека општини што поврзуваат значат модерни, организирани и внатрешно и надворешно поврзани единици на локаната самоуправа со модерни и квалитетни улици и патишта, дигатилизирани системи за јавни услуги, јавен превоз кој функционира и побезбеден сообраќај.

Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов во своето обраќање истакна дека тој и неговиот тим имаат организиран и функционален план, Скопје да стане вистински европски град. 

Тој стави акцент на заштита на животната средина, гасификацијата на градот, решавање на проблемот со сообраќајниот метеж, младите.

Наместо барокни згради, тој најави паркови, наместо загубеното зеленило нови садници. 

- За четири години Скопје ќе стане зелен град, а не како досега град на стиропор и необарок, рече Шилегов.

Посебен акцент стави на грижата за Водно, кое, како што рече повеќе нема да биде соголувано, туку повторно ќе стане рекреативен центар, со посебен сообраќаен режим, соголените делови ќе се пошумат, планината повторно ќе стане зелена оаза.

Кандидатот на СДСМ најави и дека секој жител на Скопје ќе има можност да засади дрво за своето новородено дете.

Начинот за затоплување на домовите еден од приоритите на тимот на Шилегов. Тој истакна дека огревот за домаќинствата е еден од најголемите загадувачи и најави од следната година проект за гасификација на главниот град.

- Ќе почнеме токму од оние населби, кои не се приклучени на топлификациската мрежа, рече кандидатот за градоначалник на СДСМ.

Најави поевтин, добро организирани еколошки превоз на гас или со електрични автобуси.

- Скопје за време на мојот мандат ќе стане град, кој поврзува луѓе со модерни квалитетни улици, комбиниран градски превоз, дигиталзирани сервиси за граѓаните, рече Шилегов.

Вети растеретување на центарот на градот од сообраќајниот метеж, со пробивање на Илинденска со мост преку реката Вардар до Ѓорче Петров и Волково, најави два моста под Скопско кале кон пластичарката улица, поврзување на Аеродром и Кисела Вода преку шините, побезбедни улици во Ѓорче Петров и коридори кон Чаир. 

- Парите ќе се вратат кон граѓаните, повеќе нема да дозволиме малите и средните претпријатија без причина да бидат казнувани и рекетирани од власта, ќе им дадеме поддршка за раст, порача Шилегов. 

СДСМ ја продолжи праксата на централните митинзи да ги слушне мислењата на активистите, кои на идните градоначалници им побараа пред се да работат во интерес на граѓаните, да станат слуги на граѓаните.

Тие побараа решавање на проблемот со загадениот воздух, заштита на животната средина, решавање на сообраќајниот метеж, отворање нови градинки, решавање на проблемот со греењето. 

На централниот митинг присустуваа кандидатите за градоначалници и носители на листа на советници од сите општини.

 

 

 

08.10.2017 - 21:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега