Марин: Општината ќе издвојува 3.500 денари за секое прваче
Во програмата предвидуваме низа мерки и проекти со кои ќе ги намалиме трошоците на родителите и ќе го подобриме квалитетот на животот во општината за нив и нивните деца, најави кандидатот за градоначалник на Аеродром од СДСМ Златко Марин.
Според него, Аеродром е општина во која има многу млади луѓе, а секоја година се запишуваат по околу 800 првачиња во основните училишта.
- Сепак, родителите досега немаа поддршка од општината, а локалната власт недоволно одвојуваше за проекти наменети за нив, вели тој.
Марин најави дека општината ќе издвојува 3.500 денари за секое прваче, а обезбедувањето во училиштата ќе биде на товар на општината, не на родителите.
- Од буџетот ќе издвојуваме пари за награди и стипендии за талентираните ученици. Трудот на децата ќе се цени и наша обврска е да ги мотивираме да учат и се развиваат. Ветуваме финансиска поддршка за талентирани спортисти и деца кои се посветени на спортскиот развој. Наш фокус ќе биде проширување на сите основни училишта според потребите и реновирање на сите тоалети кои се во очајна состојба. Недозволиво е да има три смени во некои училишта заради недостиг на простор.
- За родителите со дечиња во предучилишна возраст предвидуваме големи инвестиции и подобрување на условите во градинките. Ќе изградиме две нови градинки и ќе ги прошириме постојните онаму каде што треба. И во градинките и во училиштата имаме проблем пред се со капацитетите. Ова ќе биде нашиот фокус, соодветен простор за сите. Планираме изградба на нови современи и еколошки детски игралишта, со модерни реквизити и редовно оддржување на истите, рече Марин.
Тој најави и дека заедно со Град Скопје, ја изгради и гимназијата „Кузман Јосифовски Питу“, која ВМРО-ДПМНЕ со години ја ветувало.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа