Тилевски вети мерки за поголема заштита на Охридското Езеро
Рехабилитација на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, изградба на марина на езерото, уредување на плажите, ревитализација на Студенчишкото блато, мали инфраструктурни проекти за заштита на езерото се меѓу другите мерки што денеска ги најави Митко Тилевски, кандидатот за градоначалник на Охрид на Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
- Со цел заштита на водите во Охридското Езеро, изготвена е студија на изводливост од врвни експерти и утврдени се приоритетни активности. Согласно утврдената динамика на приоритетност, ќе се преземат активности за изградба на резервоар за првично собирање на отпадните води на брегот на езерото и ќе се создадат услови за почеток на санација на првичните 31 километри од канализационата мрежа на примарниот колекторски систем воведувајќи нова технологија, без ископ, изјави Тилевски притоа најавувајќи и надградба на пречистителната станица за третман на отпадни води во Враништа и проширување на колекторскиот систем.
Меѓу другото тој вети и изградба на марина за 300 помали пловни објекти и десет бродови, плажи за пристап на инвалидизирани лица, канализациска мрежа во село Трпејца, воведување агроеколошки мерки во земјоделството, мали пречистителни станици за помалите урбани заедници, уредување на просторот кај вулканот Косел.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа