Груевски: ВМРО направи револуција со реализација на неброено многуте проекти за подобар живот на граѓаните

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот завршен митинг од кампањата за локалните избори, кој се одржува во Скопје истакна дека како партија се горди што стојат на дадениот збор.

– ВМРО направи револуција во оваа земја. Но, не беше тоа револуција на демолирање и палење, деструкција и уништување. Направивме револуција со градењето нови патишта и автопати. Направивме револуција со реализацијата на неброено многуте проекти кои го подобрија животот. Направивме револуција со отворањето нови болници, училишта, фабрики, со борбата за нови инвестиции во Македонија и со новите работни места за сите граѓани на Република Македонија. Направивме револуција со создавањето нови 173 илјади работни места. Направивме револуција со борбата за правда и еднакви услуги за секој еден човек. Направивме револуција со штитењето на човековите права и заштитата на законите, нагласи Груевски.

 

Тој додаде дека не се само тие кои ова го тврдат.

-Секој, дури и странците кои доаѓаат во нашата земја, ја препознаваат оваа реалност и отворено искажуваат задоволство од промените кои ние ги внесовме во Македонија. На оние кои имаат очи, но одбиваат да ги видат овие револуционерни промени, кои имаат уши, но одбиваа да го слушнат гласот на народот, немаме што многу да им кажеме. Ако сакаат да го игнорираат ова, нека ги. Нека ги прекриваат очите, слободно нека се однесуваат на тој начин. Она што е важно е дека граѓаните на Република Македонија ја гледаат реалноста и видливиот и сериозен наредок во секое поле. И нам тоа ни е единствено важно. За нас е најважен гласот на народот, гласот на народот на Македонија. Најголемо значење има мислењето на нашите граѓани, посочи Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека граѓаните заслужуваат подобро, како и дека тие се тука да им служат уште подобро.

-Стоиме денес тука пред вас за да понудиме уште подобра работа во ваш интерес. За да ги направиме нашите градови уште помодерни места за живеење, да го подигнеме квалитетот на работа на нашите институции, да обезбедиме подобар животен стандард за сите граѓани и да понудиме подобра иднина за сите вас, нагласи Груевски.

 

 

 

13.10.2017 - 21:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега