Заев: Во Кисела Вода ќе имаме уште повеќе од 1680-те гласови во првиот круг
Кисела Вода од својата самостојност или разделба со Аеродром 12,5 години ја раководеше ВМРО-ДПМНЕ.Промените се здрава работа. Верувам дека во вториот круг ќе им аме уште поголема поддршка од 1680-те гласа во првиот круг, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев при посетата на Драчево каде што заедно со нивниот кандидат за градоначалник Филип Темелковски имаа дебата со жителите на општината.
Им порача дека по 29 октомври Кисела Вода ќе биде општина - сервис на граѓаните и тие ќе одлучуваат за своите потреби, а не градоначалникот и Советот. Најави рамномерен развој во општината, отворање работни места за младите да останат и да имаат иднина. Канализација, чистота, спортски сали кои, рече, нема да бидат само пропагандистички, туку во нив навистина ќе се практикува спорт.
За правилен развој на децата рече дека уште во прво одделение ќе биде воведено физичко воспитување, а најави и ваучери од Министерството за финансии за спортските клубови (професионални и рекреативни) преку данок на добивка од компаниите. Најави и измени на Законот за извршители поради кој многу сиромашни граѓани, како што рече, се заглавени во безизлезен лавиринт. Рече дека се залагаат за вистинска децентрализација во сите области.
- Подеднакво ќе им служиме на сите граѓани, без да ги делиме по каква било основа. Главна кочница за развој на Кисела Вода беше партиската стега, а оваа општина има голем потенцијал. Ќе биде транспарентна, одговорна и сервисно ориентирана, истакна Заев.
Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Кисела Вода Филип Темелковски најави две градинки - во Драчево и во Расадник, за да се реши проблемот на родителите за згрижување на нивните деца. Ќе го реши и проблемот со катастарот за секој граѓанин, како што рече, да има легализиран имот на свое име. Најави и поголема безбедност во Кисела Вода бидејќи е во пораст стапката на криминал во последните години.
- Како иден градоначалник во наредните четири години ќе работам заедно со граѓаните да ги решиме сите горчливи проблеми што се таложеа во изминатите 12 години. Затоа повикувам на масовна поддршка на изборите на 29 октомври, рече Темелковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа