Бектеши: Угостителите се меѓу оние што добија најмногу помош за справување со кризата
Ќе имаме средба со угостителите и ќе разговараме за дополнителна помош од државата за да ги намалиме последиците од ковид-19, рече денеска министерот за економија, Крешник Бектеши, откако Независната угостителска комора најави дека новите ограничувања на работното време за угостителскиот сектор ќе ги оспори пред Уставниот суд.
Бектеши вели дека дополнителна помош ќе има во првиот квартал од 2021 година. Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека угостителите се едни од оние кои добиле најмногу помош за надминување на кризата.
-Ние редовно и во склоп со координативното тело кое е формирано од страна на Министерството за економија разговараме за мерки. Секако дека ќе имаме средба со угостителите во наредниот период, убеден сум дека ќе најдеме решение за дополнително да ги помагаме во првиот квартал од наредната година, но треба да се има предвид дека угостителскиот сектор бил еден од најпомогнатите сектори и во 2020 година. Паралелно на рестриктивните мерки ние носиме и мерки за помош и така ќе продолжиме, рече Бектеши.
Независната угостителска комора пак, најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за новата мерка со која им се ограничува работното време до 18 часот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа