Нема ограничување: Помошта од 6000 денари граѓаните ќе може да ги извадат во кеш
До крајот на неделава сите граѓани кои ги исполнуваат условите од четвртиот сет мерки ќе добијат по 6.000 денари на трансакциските сметки кои ќе можат да ги подигнат во кеш, немаат рок во кој треба да ги потрошат и нема ограничувања кои производи да ги купуваат, пренесува „А1 ОН“.
Од Владата велат дека препорачуваат државната помош да се троши на македонски производи и услуги, но нема начин да ги контролираат.
„За разлика од претходната парична помош која беше на картички и со неа можеа да се купуваат само македонски производи и услуги, сега тоа е оставено на совеста на граѓаните. Ние препорачуваме да купуваат македонски производи. За тоа ќе направиме и листа на компании кои имаат македонски производи, но секако од граѓаните зависи каде ќе ги потрошат. Ќе можат да ги подигнат и во кеш, тие ќе им бидат префрлени на сметките, но за да нема групирање, ние препорачуваме плаќање со картички“, вели Фатмир Битиќи, вицепремиер за економија за „А1он“.
Еднократна помош за справување со последиците од пандемијата со четвртиот сет мерки треба да добијат граѓаните со низок доход, пензионерите со пензии до 15.000 денари, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади на возраст од 16 до 29 години, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, регистрирани до 27-ми септември, денот кога беше објавен четвртиот пакет на економски мерки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа