По земјотресот во Хрватска утринава сеизмолозите предупредуваат: Може да имаме уште потреси (ВИДЕО)
Сеизмологот Томислав Фикет денес изјави дека, по силниот земјотрес утрово кај Шибеник, може да се очекува да има уште потреси, но дека е тешко да се предвиди со колкава јачина ќе бидат.
Сепак, тој посочи дека е регистрирана зголемена сеизмичка активност на целата територија на Хрватска и дека не е исклучено да се случи посилен земјотрес.
"Целата наша област е под истите настани, тука е јадранската микро плоча и се случува активност на целата плоча. Ова не е невообичаено", изјави Фикет за порталот Индекс
Тој додаде дека земјотресот утрово нема никаква врска со оние што се случија неодамна во Загреб и Банија, бидејќи станува збор за друг систем на раседи.
Дежурниот сеизмолог, Марија Мустаќ, рече дека земјотресот кај Шибеник е „нов епицентар“.
"Ова е нов епицентар во однос на оние кои досега биле активни. Во текот на денешниот и следните неколку дена, можеме да очекуваме уште послаби земјотреси во таа област", рече Мустаќ.
Областа Шибеник утрово беше погодена од земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала, но не е соопштено за поголеми штети.
Жителите на Шибеник излегоа на улиците по земјотресот, но повеќето наскоро се вратиле во своите домови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа