Бугарија бира нов претседател, а по третпат годинава и нов парламент
Бугарите денеска излегуваат на третите парламентарни избори годинава, но и на избори за нов претседател.
Изборите се свикани затоа што по последните одржани во јули не се формира владејачко мнозинство.
Околу 6,7 милиони гласачи денеска ќе бираат и нов шеф на државата, меѓу 23 кандидати.
Актуелниот претседател Румен Радев важи за фаворит, а доколку никој не добие над половина од гласовите, во вториот круг ќе одат двајцата кандидати со најмногу гласови.
Според анкетите, централно-десничарската партија ГЕРБ (Граѓани за европски развој на Бугарија) на поранешниот премиер Бојко Борисов би можела да стане најсилната партија во парламентот со 24 отсто од гласовите.
Борисов се повлече од премиерската функција по лошиот резултат на неговата партија на првите избори во Бугарија кои годинава се одржаа на почетокот на април.
Меѓутоа, прашање е дали неговите конзервативци ќе можат да најдат коалициски партнери во парламентот за кој се предвидува дека ќе има најмалку шест партии.
Според анкетите, новата антикорупциска партија „Продолжуваме со промени“ (ПП) може да очекува до 16 отсто од гласовите и потенцијално би можела да формира влада ориентирана кон реформи.
По изборите во април и јули, парламентот беше толку поделен што ниту една коалиција не можеше да формира влада што ќе го наследи поранешниот премиер Бојко Борисов по речиси десет години на власт.
Социјалистите, третата најсилна партија во земјата, го вратија мандатот на претседателот Радев во септември поради неуспехот да формираат мнозинство, што по изборите во јули не успеа ниту за двете најсилни партии, популистичката ИТН („Има таков народ“) и ГЕРБ.
МАКФАКС
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа