Српски министер предложи да се урне основното училиште „Владислав Рибникар“
Денешното враќање на учениците во ОУ „Владислав Рибникар“ по невидената трагедија кога загинаа осум ученици и еден обезбедувач, наиде на поделени мислења.
Додека едни сметаат дека на децата не треба да им се скратува правото да одат на училиште, а враќањето во училишните клупи треба да се прави постепено, други сметаат дека тоа не е паметна идеја.
Министерот за економија, Раде Баста, преку својата објава на „Инстаграм“ предложи да се урне училиштето во кое се случи масовното убиство.
„Повикувам на единство на власта и опозицијата да се изгради спомен-парк за децата што загинаа на местото на училиштето за да им остане вечен споменот. Сегашното училиште треба да се урне, а некаде да се изгради ново училиште во близина“, напиша тој на „Инстаграм“.
Минатата недела во ОУ „Владислав Рибникар“ тринаесетгодишниот Коста Кецмановиќ, освен што уби осум ученици и еден обезбедувач, рани уште шестмина и еден наставник по историја.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа