Петковиќ: Припадниците на косовската полиција не се киднапирани, туку уапсени во Рашка
Уапсените припадници на косовската полиција се пронајдени „длабоко на територијата на централна Србија“, тврди директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ.
Петковиќ на прес-конференција во Владата на Србија изјави дека тројца косовски полицајци се уапсени во атарот на селото Гњилица, во Рашка и ја преминале административната линија.
„Припадниците на нашата полиција не стапнаа на територијата на Косово. Оние кои ја прекршија резолуцијата 1244 се албански терористи, припадници на косовската полиција“, рече тој, пренесе „Н1“.
„Терористите“, како што ги нарече, не се киднапирани, туку пронајдени длабоко на територијата на централна Србија, со оружје, мапи и опрема за надзор.
„Што бараат таму, каков бил планот за преминување на административната линија. Тоа ќе го утврди истрагата“, рече Петковиќ.
Тој рече и дека „биле спречени да извршат опасно кривично дело“.
Косовската полиција претходно извести дека тројца нивни гранични службеници биле киднапирани од српските сили за време на патрола во градот Тресава – Баре, на граничната линија на северот на Косово. Селото се наоѓа во општина Лепосавиќ.
Според соопштението на косовската полиција, единицата врши патроли длабоко на територијата на Косово, со цел да се спречи користење на дивите патишта, за кои велат дека се користат од криминални групи за нелегално преминување и криумчарење.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа