Голема мигрантска трагедија во Грција: 79 луѓе загинаа, стотици се водат за исчезнати откако се преврте брод
Најмалку 79 луѓе загинаа, а повеќе од 100 се спасени откако нивниот брод се преврте во близина на брегот на јужна Грција.
Но, преживеаните и грчките власти велат дека на бродот имало уште стотици мигранти, можеби од 500 до 700.
Регионален здравствен службеник предупреди на невидена трагедија: „Бројот на луѓе на бродот беше многу поголем од капацитетот што треба да се дозволи за тој брод“.
Владата соопшти дека ова е една од најголемите мигрантски трагедии во Грција и прогласи тридневна жалост.
Бродот потона на околу 80 километри (50 милји) југозападно од Пилос, откако крајбрежната стража соопшти дека одбила помош. Оттаму додаваат дека бродот во меѓународните води бил забележан доцна во вторникот од авион на граничната агенција ЕУ Фронтекс. Никој на бродот не носел појас за спасување.
Грчкиот јавен радиодифузен сервис ЕРТ објави дека властите контактирале со бродот неколку пати преку сателитски телефон и понудиле помош, но постојано им било кажувано: „Ние не сакаме ништо повеќе освен да одиме во Италија“.
Неколку часа подоцна, околу 01:40 во средата (23:40 GMT вторник), некој од бродот, наводно, ја известил грчката крајбрежна стража дека моторот на бродот се расипал.
Набргу потоа бродот се превртел, а биле потребни само десет до петнаесет минути целосно да потоне, јавува Би-Би-Си.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа