Најавен протест за Фросина: "Да излеземе на Партизанска, можеби надлежните ќе отворат очи"

 

Граѓани најавија дека денеска излегуваат на протест по трагичната несреќа во која загина младата Фросина Кулакова, млад дизајнер од Неготино. Тие бараат надлежните да отворат очи. Истовремено, лути се на судијата кој му го укинал притворот на 20-годишниот возач Васил Јованов, кога го осудил за поседување на дрога.

„Утре, освен што ќе ги “бојкотирате” маркетите, појдете на “Партизанска”, пешачкиот кај Силбо, во 13:00 и заедно да го блокираме булеварот!!! Можеби некој од надлежните ќе отвори очи!!! А, и ние родителите, да си ја чукнеме малку главата!!!“, стои во најавата.

Фросина Кулакова, 22-годишна млада дизајнерка од Неготино, е девојката која беше прегазена на булеварот „Партизанска“. Ја удри автомобил управуван од 20-годишно момче, а од здобиените повреди веднаш починала.

„Чиста, невина душа пред која беше целиот живот. Таа имаше уште многу да ѝ даде на заедницата, да му даде на светот. Пред само седум месеци ја воодушеви јавноста со нејзините модели на годишната ревија на Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ каде студираше. Нашите мисли се со нејзиното семејство, никој, никогаш да не доживее ваква болка“, раскажуваат тие за „Фокус“.

Јавноста се сеќава на неа и кога пред 12 години, како десетгодишно девојче, се појави во видеозаписот за песната ,,Божиќ за секој од нас”, заедно со нејзината сестра Росица која, пак, со Димитар ја претставуваше Македонија на детскиот „Евросонг“ во 2007 година.

31.01.2025 - 08:30

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега