Внимавајте: Измамници оперираат по социјалните мрежи во Македонија

 

СВР Битола со соопштение во јавноста ги известува граѓаните и правните субјекти дека Отсекот за компјутерски криминал при СВР Битола во изминатиот период забележа зголемена активност на измамници, кои преку социјалните мрежи се претставуваат како „финансиски советници“ и најчесто нудат услуги за тргување со криптовалути или услуги за посредување при остварување на право на наследство од друга држава.

Од СВР Битола посочуваат дека во континуитет се присутни и таканаречените „Phishing“ измами кои функционираат на тој начин што до граѓаните се праќаат пораки од модифициран меил или лажиран локален телефонски број, во кои најчесто стои URL линк, кој води до веб страна на некоја државна институција или правен субјект, и од граѓаните и правните субјекти по разни основи се бара да внесат податоци од платежни картички, сметки и други лични податоци кои потоа се злоупотребени на најразлични начини.

Со цел заштита на граѓаните и правните субјекти од ризици и спречување тие да станат жртви на ваквите интернет измами, СВР Битола апелира граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не ги отвораат овие пораки и никако да не контактираат со испраќачот преку доставениот линк или да споделуваат лични податоци доколку тоа од нив се бара, како и да не инсталираат софтвери за далечински пристап на барање на непознати лица.

Од СВР Битола нагласуваат да  не се отвараат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки, а правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер, согласно нивните интерни процедури за сајбер безбедност, а доколку постои случај во кој се компромитирани лични податоци или податоци од платежна картичка, или се сомневаат во било каква измама, за истото веднаш да ја известат банката која ја издала платежната картичка, а случајот да го пријават во најблиската полициска станица.

31.01.2025 - 10:07

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега