Мицкоски: Падот е логичен резултат на злоупотребите на европско знаменце

 

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека е логичен извештајот на „Транспаренси интернешнл“ за Индексот на перцепција на корупцијата во кој се наведува дека земјава во 2024 година бележи пад од два индексни поена во однос на претходната година.

Според него, падот од два поена е резултат на „сите оние злоупотреби на европско знаме, коруптивни скандали што беа во периодот на минатата влада“. Тој извештај, вели Мицкоски, е добра основа за да почне да се подобрува позицијата на земјата.

„Логичен е тој извештај и добро е што е само два поена, мислев дека ќе биде и повеќе. Ако ги забележите сите седум критериуми, ќе видите дека сите се однесуваат во периодот кога е претходната влада, детално го изанализирав. Тоа е добра основа да почнеме да ја подобруваме нашата позиција. Апсолутно ќе го задолжам и денеска на владина седница соодветниот министер да ги детектира слабостите што таму прилично јасно се детектирани и тоа веќе да не ни се повторува“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.

Мицкоски,рече дека сето тоа повеќе нема да се повтори.

„Повеќе нема да се повтори ’Соравија’ во центарот на Скопје, нема да ни се повтори измени на кривичен законик со злоупотреба на европско знаме, нема да ни се повторат ’бентли’, ’астон мартин’, ’ролс ројс’ автомобили на блиски роднини на нашите семејства. Нема да ни се повторат наместени тендери за фотонапонски централи на високи владини функционери. Сето тоа е нотирано тука и ни е добра основа за понатаму да следиме дали ќе напредуваме, ќе бидеме подобри или ќе бидеме полоши“, додаде Мицкоски

11.02.2025 - 13:30

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега