Ги зголемуваат даноците: Цените на летовите во Франција поскапуваат

 

Француската влада најави дека следниот месец повеќе од двојно ќе го зголеми т.н заеднички данок на билетите во авиосообраќајот, што ќе доведе до зголемување на цените на летовите.

Така, данокот за летови во економска класа на кратки релации во Франција или Европа треба да се зголеми од 2,63 евра на 7,40 евра, објави Гардијан.

Надоместокот за летови во економска класа на средни релации ќе се зголеми на 15 евра, а за релации поголеми од 5.500 километри на 40 евра.

Ќе се зголеми и таксата за деловни билети и билети од прва класа на 30 евра за летови на кратки релации, 80 евра за летови на средни релации и 120 евра за летови на долги релации.

Домашната авиокомпанија Ер Франс го критикуваше овој потег како неодговорен, а ирската нискобуџетна авиокомпанија Рајанер се закани дека ќе го намали бројот на летови за Франција, објави Гардијан.

Француската влада тврди дека зголемувањата се оправдани и на еколошка и на финансиска основа, но критичарите велат дека тие ќе ја намалат способноста на Франција да се натпреварува на глобално ниво.

Се очекува авиокомпаниите да ги префрлат трошоците за зголемување на даноците на патниците, но Ер Франс проценува дека тоа ќе го чини околу 100 милиони евра во време кога авиокомпанијата сè уште се опоравува од загубите предизвикани од пандемијата на Ковид.

Оваа мерка е дел од предлог-законот за буџетот за 2025 година со цел да се намали растечкиот дефицит во француската каса.

13.02.2025 - 18:16

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега