Шест деца уапсени откога беше застрелан 11-годишник во Ротердам: неговата состојба сè уште е сериозна
Полицијата во холандскиот град Ротердам оваа недела уапси шест малолетници откога 11-годишно момче беше пронајдено застрелано и во критична состојба во стан. Малолетниците се осомничени за обид за убиство, соопшти вчера холандската полиција, а пренесува „Телеграф“.
Според холандските медиуми, апсењата се извршени во последните три дена, а осомничени се момчиња на возраст од 12, 13 и 15 години од Ротердам, 14-годишно девојче од Ротердам, 14-годишно момче од Марсберген и 16-годишно момче од Еншеде.
По истрагата, малолетниците станале осомничени, а некои од нив ѝ се предале на полицијата, пишува „Телеграф“. Како што се дознава, полицијата не ја исклучува можноста за дополнителни апсења. Освен тоа, тие се осомничени и за поседување огнено оружје и муниција. „Секој осомничен е испрашуван поединечно за неговата улога во овој инцидент“, соопшти полицијата.
Сите малолетници што беа уапсени се во притвор и денеска и утре ќе бидат изведени пред истражен судија во Ротердам, кој ќе одлучи дали ќе им го продолжи притворот. Веднаш по инцидентот, полицијата пронашла огнено оружје на тревната површина во близина на станбената зграда, пренесува „Телеграф“.
Момчето морало да биде реанимирано и однесено во болница во критична состојба. Што точно се случило на местото на злосторството сè уште е нејасно, но полицијата утврдила дека 11-годишното момче било застрелано. Неговата состојба сè уште е сериозна.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа