Милошоски: Македонија е парламентарна демократија, не е монархија

 


„Тие што сметаат дека никој не носи одговорност и дека не смее да се покрене интерпелација за избраните членови на Судски совет треба да разберат дека Македонија е парламентарна демократија, не е монархија“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на денешната пленарна седница во Собранието.

Милошоски посочи дека не може да се очекува некаков придонес од член на Судски совет кој не ги почитува законите.

„Ако еден член на Судскиот совет не ги почитува законите кои се однесуваат на работата на Судскиот совет тогаш како можеме да очекуваме дека таквиот член ќе даде придонес за зголемување на довербата во правосудството во Република Македонија кое е на историски најниско ниво“, вели Милошоски.

Милошоски продолжи и додаде:

„Гласањето за интерпелација на членот на Судскиот совет Селим Адеми е гласање за кадровска реформа во Судскиот совет. Ние, мораме да направиме тоа што е во наша надлежност, да го зголемиме интегритетот на оваа институција коишто членови како Селим Адеми и Весна Дамева ја руинираа таа институција и ја сведоа на најниско можно ниво по рејтинг и во јавноста и помеѓу судиите“, рече Милошоски.

Милошоски потенцираше дека после изгласаните интерпелации би било демократски зрело членовите на Судски совет да си поднесат оставки.

„Затоа сметам дека на овој начин Собранието ќе го даде својот реформски придонес за корекција на работењето на Судскиот совет, а доколку членовите на Судскиот совет кои се повикуваат тука на Устав, на закон и на демократски механизми, доколку тие како Селим Адеми, Весна Дамева имаат демократски капацитет, после изгласана недоверба од 70 или 77 пратеници во Собранието треба да се свесни дека немаат легитимитет да учествуваат во работата и да носат одлуки во Судскиот совет, би било од нивна страна демократски зрело да си поднесат оставки и со тоа да дадат барем мал скромен придонес за покривање на оние незаконитости коишто ги направија во изминатите неколку години“, заклучи Милошоски.

11.03.2025 - 15:44

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега