Предлог-закон на Левица: Намалување на патарините за 50%

 

 


На 19 март, во Собранието ќе се гласа за предлог-законот на пратеничката група на Левица, кој предвидува намалување на патарините за 50% и нивно законско регулирање, со што Владата повеќе нема да може произволно да ги зголемува цените и бројот на патарините.

Македонија има највисоки цени за патарини во регионот, а квалитетот на патиштата останува на незавидно ниво. Наместо модерна и безбедна патна инфраструктура, граѓаните секојдневно се соочуваат со неодржувани и неосветлени патишта полни со кратери, несоодветна сигнализација и небезбедни услови за возење. Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) на годишно ниво генерира огромни приходи кои треба да се користат за подобрување на инфраструктурата, но реалноста покажува дека тие средства не се трошат соодветно, па имаме опасни патишта кои убиваат, велат од Левица.

„Особено во време на висока инфлација и драстично намален животен стандард, дополнителниот товар од високите патарини претставува неправеден финансиски притисок врз граѓаните. Овој предлог-закон е разумно решение кое ги штити интересите на народот и овозможува транспарентност во начинот на определување на цените за користење на јавните патишта.

Инаку, ваков предлог-закон Левица предложи и во минатиот мандат, во 2022 година. Тогаш пратениците од ДПМНЕ го поддржаа предлогот, а владејачкото мнозинство составено од СДСМ и ДУИ го одбија.

Ги повикуваме пратениците во среда, 19 март, да покажат демократска одговорност и да го поддржат ова законско решение. Пратениците од ДПМНЕ мораат да се вразумат и да престанат со нивната заслепеност од ароганција. Предлогот е поднесен од пратеничката група на Левица која зад себе има легитимитет од околу 70.000 граѓани, а барањето за поевтини патарини и крај на ваквиот грабеж е оправдано барање на народот“, стои во соопштението од Левица.

 
 
14.03.2025 - 09:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега