ЕУ вети милијарди евра за Сирија

 

Донаторите на годишната конференцијата предводена од Европска Унија синоќа ветија 5,8 милијарди евра помош за новите сириски власти, кои се соочуваат со хуманитарни и безбедносни предизвици по соборувањето на Башар ал Асад.

Помошта е помала од лани, кога на Сирија и беа доделени 7,5 милијарди евра грантови и заеми, а претставниците на ЕУ како главен фактор го наведоа намалувањето на американската помош.

ЕУ ја организира конференција од 2017 година, но се одржуваше без учество на претставници на владата на Асад, која беше изолирана поради нејзините брутални дејствија за време на граѓанската војна, што почна во 2011 година. Првпат на конференцијата учествуваше висок функционер од Дамаск – сирискиот министер за надворешни работи Асад Хасан ал Шибани, заедно со десетици европски и арапски министри и претставници на меѓународни организации.

– Ова е време на голема потреба и предизвик за Сирија, како што трагично сведочи неодамнешниот бран на насилство во крајбрежните области, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.

Таа додаде дека е и „време на надеж“, мислејќи на договорот постигнат на 10 март за интегрирање на Сириските демократски сили предводени од Курдите, поддржани од САД, кои контролираат голем дел од североисточна Сирија, во новите државни институции.

Според податоците на ЕУ, на околу 16,5 милиони луѓе во Сирија им е потребна хуманитарна помош, а на 12,9 милиони луѓе им е потребна помош во храна.

Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен на состанокот најави зголемување на обврските на ЕУ за Сиријците во земјата и регионот на речиси 2,5 милијарди евра за 2025 и 2026 година, што вклучува зголемување од околу 160 милиони евра во споредба со претходното ветување за оваа година.

Хајат Тахрир ал-Шам, групата што го собори Асад, е прогласена за терористичка организација од Обединети нации, но ЕУ сака да соработува со новите власти сè додека тие го одржат ветувањето дека транзицијата ќе биде инклузивна и мирна.

18.03.2025 - 09:19

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега