Двајца повредени во пожарот во Кочани пренесени во Полска
Во Полска попладнево беа пренесени двајца повредени во пожарот во Кочани, соопшти Делегацијата на ЕУ во земјава на својата Фејсбук страница.
-Амбасадата на Полска овозможи транспорт со воздушна амбуланта на двајца повредени во трагичниот пожар во Кочани. Пациентите ќе ја добијат потребната нега во Полскиот источен центар за третман на изгореници и реконструктивна хирургија, се наведува во објавата.
Претходно, чешкиот амбасадор во земјава Јарослав Лудва на социјалната мрежа „Х“ објави дека вчера пречекал медицински тим од Чешка да помогне на македонските лекари во лекување на повредените во пожарот во Кочани.
-Нивната брза реакција и експертиза ја одразуваат силната врска меѓу нашите народи. Нашите мисли остануваат со сите засегнати. Стоиме заедно во солидарност во овие тешки времиња, напиша Лудва во објавата.
Претходно, директорот на ФЗО Сашо Клековски изјави дека над 70 пациенти се успешно транспортирани надвор од земјава. Како што појасни тој, со оглед дека се исполнети капацитетите во соседството, од денеска пациенти ќе се испраќаат и во Италија, Холандија и Белгија. Лекарски тимови од Чешка и Израел им помагаат на нашите лекари, додека тим од Велика Британија денеска ќе пристигне во земјава за да помогне во подготвување на следната фаза - рехабилитација на повредените.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа