Филипче: Секој од нас во себе има сила да придонесе да ја направи оваа земја подобра
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитика до припадниците од православната и католичката вероисповед со порака дека денешниот празник дава сила и носи надеж за нови и подобри почетоци, за справување со предизвиците.
-На сите христијани од православната и католичката вероисповед им го честитам денешниот голем празник, Воскресение Христово - Велигден. Нека овој ден донесе многу здравје, среќа и хармонија во секој дом. Велигден е празник кој ни дава сила и носи надеж за нови и подобри почетоци, за справување со предизвиците.Симболиката на Велигден кој ја слави победата на животот над смртта, носи силна порака за важноста на меѓусебното почитување и грижа, се посочува во честитката.
Токму овие вредности, се нагласува, се основата за создавање на подобро општество за сите, преку добри дела и посветеност.
-Секој од нас во себе има сила да придонесе да ја направи оваа земја подобра, а заедно можеме да постигнеме многу. На овој голем празник, да имаме мир и спокој во душите, а добрината и мудроста да бидат нашиот патоказ кон подобра иднина. Христос воскресна, навистина воскресна, за многу години Велигден, порача во честитиката, претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа