Традиции за Велигден во Белгија: Исчезнати камбани, лов на јајца, велигденска трпеза со јагнешко

 

Чествувањето на Воскресението на Исус Христос во Белгија, покрај со заедничките карактеристики со сите христијански заедници, како вапцањето јајца, постот и одењето на црковна служба, има своја особеност поврзана со легендата за исчезнувањето и враќањето на камбаните.

Според оваа легенда, која датира од седмиот век, на Велики четврток „исчезнуваат“ црковните ѕвона и „заминуваат“ во Рим за да ги благослови папата. Поради ова, камбаните на црквите во Белгија не бијат од Велики четврток до сабота на полноќ и доаѓањето на Велигден. Според преданието, во Рим ѕвоната „собираат“ јајца, кои ги расфрлаат на „враќањето дома“ и затоа на Велигден се одржува потрага по нив.

Одбележувањето на Велигден во Белгија традиционално започнува 40 дена пред Денот на воскресението, кога се одржуваат карневали посветени на славење на животот, со кои се означува почетокот на велигденскиот пост.

Почетокот на Светата недела пред Велигден се чествува со празникот Цветници со кој се одбележува влегување на Исус во Ерусалим јавајќи на магаре, пречекан од толпата со гранки и листови од палми. Затоа за време литургиската служба на Цветници на верниците во белгиските цркви им се даваат гранчиња од зеленика. Бојата на литургиската одежда на свештениците на Цветници е црвена.

Кулминацијата на чествувањето почнува на Велики четврток, на денот кога, според библиската традиција, Исус имал Тајна вечера, последниот оброк со своите ученици, на кои им ги измил нозете и им поделил леб и вино. Во чест на оваа предание, на црковните литургии на Велики четврток симболично се повторуваат овие гестови и на присутните верници им се делат леб и вино. Литургиската одежда на свештениците на оваа миса е во бела бела.

Според библиските евангелија, Исус е уапсен во текот на ноќта по вечерата поради тоа што „неговото учење го нарушува јавниот ред и верскиот поредок“ и е осуден да биде распнат на ридот Голгота, каде и умира на Велики петок, по што неговото тело веднаш е положено во гробница.

Во чест на оваа „страдалничка смрт на Исус“ за време на литургиските служби на Велики петок се читаат извадоци од Библијата за неговото страдање. По завршувањето на литургиите верниците го допираат крстот како гест на сострадание со Исус. Бојата на литургиската свештеничка облека во белгиските цркви на Велики петок е црвена или црна.

Велики петок е и ден на пост кога верниците во Белгија се воздржуваат од јадење месо и производи од животинско потекло.

На овој ден домовите и излозите на продавниците се украсуваат со велигденски симболи, како зајачиња, кокошки, панделки и сезонски цвеќиња.

Велика Сабота е ден кога верниците чекаат во тишина и тој ден не се одржуваат литургиски служби, иако во некои цркви во Белгија се прави т.н. Велигденско бдеење со свеќи.

Според библиската традиција, в недела гробницата на Исус е пронајдена празна и тој воскреснат од мртвите им се јавува на неговите ученици. Одбележувањето на Христовото воскресение се означува со огласување на камбаните на црквите во Белгија, по тридневниот молк, кога верниците почнуваат со славење на тој чин извикувајќи: „Алелуја, Христос воскресна, навистина воскресна!“.

Со литургиските служби в недела на Велигден се одбележува воскресението на Исус и по тој повод се пали нова пасхална свеќа. Бојата на литургиската одежда на свештениците на Велигден е бела.

Како празник на животот и триумф на животот над смртта, Велигден се слави и со јадење јајца, како симболи на новиот живот и повторното раѓање.

Традиција за неделното утро на Велигден во Белгија е „потрагата по јајцата што ги исфрлиле камбаните враќајќи се од Рим“. За таа цел родителите кријат јајца, најчесто чоколадни, фигури во форма на ѕвона, кокошки, зајачиња… или играчки во своите градини или внатре во домот, во зависност од временските услови, кои потоа децата почнуваат да ги бараат. Покрај овие „семејни потраги“, многу градови и села во Белгија организираат и „лов на јајца“ во локалните паркови.

Традиционалниот семеен оброк в неделата на Велигден генерално се базира на јагнешко месо, придружувано со компири, шунка, колачи и сладок леб.

Во земјата позната по чоколадото, чоколадните производи се најпродавани за време на Велигден. Така се изработуваат јајца и други фигури од чоколадо, кои се полнат со филови од лешници, фстаци или марципан.

Во Белгија, училиштата не работат седмицата пред и по Велигден, односно учениците се на двонеделен Велигденски распуст. Понеделникот, Втор ден Велигден, е државен празник во Белгија, но многу установи не работат ниту на Велики петок, иако официјално тој не е празник.

Оваа година, кога Велигден се прославува на ист ден и по Грегоријанскиот и по Јулијанскиот календар, во организација на Македонската православна црковна општина „Св. Илија – Св. Архангел Михаил“ од Брисел денеска во бриселската „Европска капела“ ќе се одржи Велигденска литургија за македонските православни верници во Белгија.

20.04.2025 - 11:52

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега