Перински во Сопиште: Фокус на патната инфраструктура и водоснабдувањето
Општина Сопиште денеска беше домаќин на иницијативата „Каде што срцето е дома“, во рамки на која министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со неговиот заменик, Ерџан Селими, остварија работна средба со градоначалникот Стефче Трпковски и членовите на општинскиот Совет.
На средбата се отворија повеќе прашања од значење за граѓаните на Сопиште – општина составена од 12 населени места со различни, но еднакво важни потреби. Посебен акцент беше ставен на подобрувањето на патната инфраструктура, обезбедувањето на стабилно и квалитетно водоснабдување, а на средбата се разговараше и за измените на Законот за локална самоуправа, кои значително ќе придонесат за поефикасни локални самоуправи.
Министерот и градоначалникот заеднички ја истакнаа важноста од координирана соработка меѓу централната и локалната власт како клучен предуслов за долгорочен и одржлив развој. И двајцата беа согласни дека преку ефективни решенија, приспособени на реалните потреби на жителите, се гради стабилна основа за подобар животен стандард, а кога има визија и соработка, резултатите и напредокот се неизбежни.
Токму со поддршка од централната власт, преку првиот владин повик за финансирање на општински инфраструктурни проекти, Општина Сопиште веќе реконструираше улици во населено место Варвара, Сопиште и две улици во Ракотинци, а во завршна фаза се и реконструкциите на улици во Долно Соње и Држилово. Во текот на неделава, Општината планира да достави пет апликации на вториот владин повик.
Министерот Перински посочи дека Министерството активно работи на воспоставување на Ресурсен центар за поддршка на развојот на општините, нов концепт кој ќе понуди стручна, административна и техничка поддршка, а ќе придонесе и за побрза и поефикасна реализација на развојни проекти на локално ниво.
Иницијативата „Каде што срцето е дома“ продолжува да го зајакнува дијалогот меѓу институциите, создавајќи услови за модерни, функционални и европски општини – со подобри услуги, подобра инфраструктура и подобар живот за сите граѓани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа