Премиерот судството го опиша како мочуриште

 

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека граѓаните се незадоволни од функционирањето на судско-обвинителскиот систем кој, како што рече е „мочуриште преполно со контроверзии и скандали“. 

Оваа изјава ја даде на 6 февруари во Клубот на пратениците, одговарајќи на новинарски прашања, откако претходно најави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат интерпелација за разрешување на членовите на Судскиот совет.

„Ние не можеме да направиме целосно распуштање, ниту пак можеме за така кратко време да ги детектираме аномалиите, но можеме да избереме судски совет којшто објективно, без партиски стеги, без интереси ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште и да биде своевиден монитор на тоа како судиите се однесуваат, какви одлуки носат и зошто носат такви одлуки“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека е неопходен директен пристап, наместо импровизации и половични решенија. 

„Цениме дека треба да се удри во чело, да не се обидуваме да импровизираме да правиме импланти и таму. Ударот во чело подразбира дека сето она што е во ингеренции на, во случајот Парламентот, а тоа е изборот на оние членови на Судскиот совет – таму каде што се бираат, таму да се изгласа и интерпелација. Точно е тоа дека и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација, тие можат да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет. Но, во услови кога тој што те избрал ти гласа повторно недоверба и ти продолжуваш и понатаму да водиш инает, тоа не е добро, и тогаш имаме и други механизми и алатки. Но, јас се надевам дека доколку парламентарците изгласаат недоверба, или интерпелацијата на Судскиот совет, тие истите ќе бидат доблесни и ќе се повлечат“, истакна премиерот.

06.02.2025 - 17:29

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега