Претседателката Сиљановска-Давкова на средби со државниот врв на Азербејџан

 

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која е во официјалната посета на Азербејџан, денеска во Баку ќе оствари средби со претседателката на Националното собрание, Сахиба Гафарова и со премиерот, Али Асадов.

Активностите на претседателката почнаа вчера со тет-а-тет средба со нејзиниот домаќин Илхан Алијев на која беше иницирано потпишување декларација за стратешко партнерство и пријателство со фокус на јакнење на соработката во енергетиката и економијата, како и  укинување на визите за дипломатски и службени пасоши.

Како што беше истакнато на средбата, Азербејџан е подготвен да го зголеми нивото на дистрибуција на гас на македонскиот пазар, а неопходно е да се истражат можностите за економска и трговска соработка. Потенцијали за зголемена соработка има и во туризмот, науката, културата... 

Претседателката во Баку одржа предавање пред академската заедница и студентите на Универзитетот АДА и положи венци пред Споменикот на победата во Паркот на победата и во Алејата на славните.

Според агендата, Сиљановска Давкова утре ќе учествува на 12. Глобален Баку форум, „Преиспитување на светскиот поредок: Претворање на предизвиците во можности“, во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“. Таа ќе се обрати на свеченото отворање на форумот, а ќе има и обраќање на тема „Пактот за иднината на Обединетите нации: градење на нов глобален консензус“. 

12.03.2025 - 08:00

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега