Ристова: Откриваме нов скандал – пазарот во Неготино од 17 тони железо прикажан како „урбана опрема“

 

Пазарот во Неготино е изграден без соодветно одобрение за градење, а се води како „поставување на урбана опрема“, обвини денеска на прес-конференција Лолита Ристова, членка на Извршен одбор на СДСМ.

„17 тони железо, изградени на бетонска подлога од 420м2 со 90 тезги внатре се третираат како урбана опрема? Зошто е избегнато издавање на соодветно одобрение за градење во соодветна постапка. Особено од аспект на статиката и сигурноста на објектот. Како е можно два објекти изградени во толкав габарит кој лежи на 17 тони железо да се третира како „поставување на урбана опрема“? И клучното прашање дали ваквиот објект над главите на неготинчани е безбеден?“, вели Ристова.

Таа изрази сомнеж и од финансиски аспект.

„Зад проектот повторно стои една од омилените фирми на ВМРО-ДПМНЕ – МАСТЕФ ДООЕЛ, која редовно добива тендери во општини под нивна контрола, особено со пари од унгарскиот заем. Проценетата вредност на проектот е 25.960.000 денари, а договорот е склучен речиси за истата сума – 25.914.000. Без конкуренција, без намалување на цената, без домаќинско работење. На прашањето колку пари на граѓаните на Неготино се потрошени за оваа зделка и дали сумите се реални ќе зборуваме детално во наредните денови. Ако ова се потврди, ќе биде уште едно кривично дело во серијата сомнителни тендери на ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Ристова.

 
12.04.2025 - 12:21

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега