СДСМ: Андоновски е фатен во местење тендери

 

Го поздравуваме брзото постапување на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која оформи предмет за јасниот случај на судир на интереси, непотизам и корупција поврзан со тендерите што ги доби сопругот на државната секретарка Клинчарова во Министерството за дигитална трансформација. Повеќе од јасно е дека министерот Стефан Андоновски е вмешан и главен одговорен за овој случај. Чекорот на ДКСК е во вистинска насока, но сега е на ред Јавното обвинителство – правдата мора да биде задоволена! Ова денеска го велат СДСМ преку соопштение за јавноста.

- Фактите се кристално јасни: компанијата на сопругот на Клинчарова добила два тендери, а министерот Андоновски прво се обидуваше да сокрие, а потоа и да оправда оваа скандалозна ситуација со апсурдни изговори. Ова не е само судир на интереси – ова е очигледен случај на корупција! СДСМ во текот на денот ќе изнесе дополнителни докази кои ќе ѝ помогнат на ДКСК, но и на сите надлежни институции, во целосно расчистување на овој случај. Не постои никаков простор за различен исход – обвинение мора да следи. Тендерските мрежи на ВМРО-ДПМНЕ мора да бидат разобличени, а одговорните санкционирани. СДСМ нема да дозволи оваа афера да биде заташкана – секој чинител во оваа криминална мрежа мора да одговара пред законот!, велат тие.

Опозицијата очекува итно дејствување на Обвинителството.

12.03.2025 - 10:07

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега