Шуга и во Домовите за стари лица - Лекот за ова заболување дефицитарен во Македонија

 

Во јануари годинава биле регистрирани 28 случаи на шуга од кои 16 во Скопје, а истите не биле поврзани, па затоа и се спречила епидемија. 

Во периодот од 2014 до 2023 година, најмногу заболени имало во 2015 година кога се евидентирани 527 лица, а најмалку во 2021 година кога имало 151 лице заболено од шуга.

Фактор пренесува дека двајца постари пациенти, префрлени од домови за стари лица на скопските Клиники, исто така биле дијагностицирани со ова заболување. 

- Најуспешен третман за шугата е антипаразитскиот лек ивермектин, кој за жал во моментот е дефицитарен. Алтернатива е перметринот, но она што е клучно е пациентите доследно да ја следат терапијата и истовремено да преземат соодветни хигиенски мерки за да спречат повторна инфекција“, велат за Фактор од Клиниката за кожни болести.

– Симптомите на шугата може да се јават четири до шест недели по инфекцијата. Најчесто се манифестираат како силно чешање, најинтензивно ноќе. Најчеста локализација на промените се вдлабнатините – браздите помеѓу прстите на рацете и нозете, свивките на лактите, предните набори на пазувите, папокот, половината и регионот на препоните. Грбот е ретко зафатен, а главата и тилот обично не се зафатени. Важни дијагностички знаци се скабиозните канали, на чиј крај може да се види црна точка. Исто така, можат да се забележат и други кожни промени по телото, од типот на макули и папули. Во почетокот на болеста постојат скудни кожни промени, но, пациентот е заразен за околината. Со развојот на алергијата, се засилува и јадежот. Кај малите деца, осипот може да се јави и на дланките, стапалата и скалпот. Кај лицата со послаб имунитет, особено кај хронично болните и лицата со ХИВ, може да се развие крустозна шуга. Ова е сериозна форма што предизвикува суви, лушпести области на кожата, со илјадници до милиони грини. Оваа форма е високо заразна и бара интензивен третман, појаснуваат од ИЈЗ.

– Ризикот е особено висок во домови, училишта, болници или бегалски кампови. Пренос преку облека или постелнина е поредок, но, сепак, можен. Важно е да се напомене дека заразеното лице може да ја пренесе болеста дури и пред да развие симптоми, што ја прави шугата предизвик за контрола, потенцираат од ИЈЗ.

– Долготрајното чешање и оштетувањето на кожата создаваат услови за бактериски инфекции, како импетиго, што може да преминат во сепса – состојба опасна по живот. Во тропските области, шугата често е поврзана со акутни и хронични заболувања на бубрезите и срцето, како што се пост-стрептококен гломерулонефритис и ревматски срцеви заболувања, истакнуваат од ИЈЗ.

Во текот на вчерашниот ден беше соопштено дека во кумановско Романовце има еден потврден и три сонителни случаи. 

19.02.2025 - 08:30

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега