Страшевски не се појави во Кривичен - Одложено судењето за Вања и Панче

 

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска требаше да продолжи судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски со сведочење на првообвинетиот Љупчо Палевски, но судењето нема да се одржи бидејќи неговиот адвокат Јовица Страшевски, не бил во можност да присуствува поради здравствени проблеми.

Ќе се донесе решение за одлагање на расправата, а наредбите за спровод на Палевски и обвинетите Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски ќе бидат отповикани од судијата Ивица Стефановски. Отповикана, ќе биде и наредбата за спровод на Александар Ѓорчевски од куќен притвор, јавува Скопје 1.

Палчо како првообвинет за случајот со двојното убиство, денеска требаше да одговара на вкрстени прашања на Обвинителството и одбраната на останатите обвинети.

На минатото рочиште, Палевски одговарајќи на прашања од неговиот бранител Јовица Страшески негираше одговорност за двојното убиство, тврдејќи дека нема мотив за такви злосторства и дека е жртва на „морален атентат“, организиран од политички и медиумски структури. 

Според него, обвиненијата се дел од обидите за негово дискредитирање поради неговите активности против корупцијата и перењето пари во земјата, како и политичкиот ангажман за организирање референдум за прашањето со Бугарија.

Палевски ги отфрли обвинувањата поврзани со настаните од 22 ноември 2023 година, денот кога, според Обвинителството, бил убиен Панче Жежовски, нагласувајќи дека времињата и фактите наведени во обвинението не се совпаѓаат со реалноста. 

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

16.04.2025 - 10:27

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега