Студенти од Србија на велосипеди до Стразбур: Бараат правда за трагедијата
Околу 80 студенти и членови на академската заедница од Србија денеска со велосипед пристигнаа во Стразбур, откако за 13 дена поминаа повеќе од 1.400 километри низ неколку европски земји.
Акцијата наречена „Тур де Стразбур“ беше организирана со цел директно да им се пренесе на европските институции загриженоста за состојбата со човековите права и недостатокот на реакција од надлежните органи во Србија по трагичните настани од ноември минатата година.
Студентите тргнаа на 3 април од Нови Сад, а рутата ги однесе преку Суботица, Будимпешта, Братислава, Виена, Линц, Минхен, Аугсбург, Улм и Штутгарт, со емотивен пречек од српската дијаспора и поддршка од граѓаните во секој град.
Тие предвреме пристигнаа во Стразбур, каде беа пречекани од мноштво граѓани, претставници на српската заедница од Франција, како и поддржувачи од други европски земји.
Причина за оваа акција беше трагедијата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога поради уривање на настрешницата загинаа 16 млади лица. Настанот предизвика бран протести и блокади на повеќе од 60 факултети во Србија, при што студентите истакнаа четири клучни барања, вклучително и утврдување одговорност за трагедијата и разоткривање на корупцијата во јавните работи.
Целта на велосипедската тура беше да се достават извештаи и писма до институциите на Советот на Европа и Европската унија, вклучително и Парламентарното собрание на Советот на Европа, Комесарот за човекови права, Европскиот парламент и Европската комисија, со цел да се алармира меѓународната заедница за, како што тврдат, сериозни прекршувања на човековите и уставните права во Србија.
Студентите порачаа дека со овој зафат сакаат да покажат истрајност и посветеност во борбата за поправедно општество и дека ниту далечината ниту пречките нема да им го спречат гласот. „Сакаме нашиот глас да се слушне низ целиот свет и да покажеме единство во залагањето за нашите права“, нагласија организаторите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа