Тошковски планира нови возила и униформи за полициските службеници
Министерството за внатрешни работи(МВР) планира да го обнови возниот парк, како и да ги поднови полицајците со нови модерни униформи, најави ресорниот министер Панче Тошковски.
Министерот ова го кажа говорејќи околу планираните реформи и подоборувањето на условите за работа во Министерството во својот говорот на свеченоста по повод промоцијата на 497 нови полициски службеници од генерацијата 2024-2025 што денеска се одржа во Центарот за обука на МВР во Идризово.
-Се градат, а и ќе се градат нови полициски станици, се планира обновување на возниот парк на Министерството, нови модерни и функционални униформи, материјално и техничко унапредување на сите организациони единици, нова систематизација, која ќе ја максимизира ефикасноста на полицијата, рече Тошковски.
Тој се осврна и на процесот на дигитализација, кој, како што кажа е еден од врвните приоритети на Владата и на Министерството, што креира побрзи процеси и услуги, го штеди времето на граѓаните, а истовремено, додаде министерот, ја намалува и можноста од корупција.
Тошковски во обраќањето пред новите полицајци и присутните на церемонијата, најави и зголемување на платите на сите вработени во Министерството за внатрешни работи, особено на оние кои, како што кажа, се најважна алка во синџирот на безбебедноста.
-Секако во дијалог со сите вработени, преку дијалог со синдикатите одговараме на нивните потреби и тука најавувам подобрување на условите за работа и прекуредовно зголемување на примањата на сите вработени во Минитерството за внатрешни работи, посебно на полициските службеници кои се најважна алка во синџирот на безбедност, рече министерот.
Во конктекст на реформите и подобрувањето на условите за работа во рамките на МВР, Тошковски го наведе и целосното реновирање на Центарот за обука на МВР во Идризово и реактивирање на средното полициско училиште.
-Една од најважните реформи која се планира во насока на обезбедување професионалност, квалитет и интегритет во полициските редови е реактивирање на средното полициско училиште кое преку образовна настава во трета и четврта година ќе ги креира новите полициски службеници. Верувам дека ќе понудиме најдобри услови за работа и образование со цел да ги привлечеме најдобрите кандидати кои ќе испорачаат најдобри резултати, кажа министерот за внатрешни работи во своето обраќање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа