Тошковски во Будимпешта: Зајакнување на полициската соработка меѓу Македонија и Унгарија

 


Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Будимпешта на втората меѓувладина седница на владите на Македонија и Унгарија потенцираше дека веќе почнале со реализација на заклучоците донесени на првата седница која се одржа во Охрид.

-Врз основа на потпишаниот меморандум за соработка на Центарот за обука на МВР и унгарското полициско училиште очекуваме интензивна соработка во обуката на полициските службеници и планираме таа иницијатива да прерасне во Регионална асоцијација на центри за обука која ќе претставува темел на современото полициско работење и професионализација на полициите од регионот, вели Тошковски.

Тој додава дека на билатералната средба со министерот за внатрешни работи на Унгарија, Шандор Пинтер договориле набрзо потпишување на меморандум за соработка во делокругот на заеднички обуки на единиците за посебни полициски операции и борба против тероризмот како и полициските единици задолжени за обезбедување на личности и објекти. Меморандумот се очекува да биде потпишан во втората половина на 2025 година.

-Во рамки на престојот во Будимпешта во Министерството за надворешни работи на Унгарија имавме и состанок со дел од бизнис заедницата на Унгарија и заменикот министер за надворешни работи и трговија, Маѓар Левенте на кој се разговараше за конкретните перспективи и иницијативи за унапредување на економската соработка. Светот влегува во нов поредок со предизвици кон суверенитетот и интегритетот на нациите, предизвици во функционирањето на човековите права и слободи што уште повеќе ја засилува потребата од соработка и меѓусебно разбирање, истакнува Тошковски.

04.03.2025 - 13:43

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега