Убиството го потресе Скопје - Што се знае до сега за Хабиб Буњаку?

 

Десетина минути пред полноќ во СВР Скопје на 10 Февруари било пријавено дека на паркинг простор на подрачјето на Чаир, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија помеѓу две групи, при што било употребено огнено оружје, едно лице било усмртено, додека две ранети.

Убиениот е 35-годишниот Хабиб Буњаку, син на Екрем Буњаку од ДУИ кој осум години беше директор на Техничка инспекција, а убиството е во фокусот на вниманието на јавноста.

МВР информира дека во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, шест минути по полноќ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени 35-годишниот Х.Б. и 35-годишниот А.Д. од Скопје. За жал, Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување.

Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје.

По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.

По преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 01.40 часот во болницата го лишиле од слобода 39-годишниот Б.Б. од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода 22-годишниот Н.Д. од Скопје, додека, подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р.(41) и К.Т.(28), двајцата од Скопје.

Исто така, по преземени мерки, на местото биле пронајдени два пиштоли, неколку возила и други предмети поврзани со делото.

Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.

До сега е познато и дека тој работел во МЕПСО, а тие од него се простија на социјалните мрежи: - „АД МЕПСО за последен пат се поздравува со нашиот почитуван колега и пријател, Хебиб Буњаку, кој вчера прерано го загуби својот живот.

- Препознатлив по својата професионалност и трудољубивост, Хебиб ќе остане запаметен и како исклучително колегијален и пред се , добар човек. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со неговото семејство, со пријателите и сите кои го познаваа Хебиб. Почивај во мир, драг наш колега!“, напишаа од АД МЕПСО.
 
Исто така, на Фејсбук од Хабиб се прости и поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири.

- „На Аллах му припаѓаме и на Него ќе се вратиме (На Аллах му припаѓаме и Нему ќе се вратиме). Го загубивме нашиот пријател, брат и најдобриот, дарежлив и мудар син, нашиот Хебиб. Аллах да те награди со рај брат!!! Аллах да го зголеми трпението на семејството Буњаку“, напиша Зекири на социјалните мрежи.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во скопската општина Чаир. 

- Обезбедени се и снимки од видео надзор кои се прегледуваат. Исто така, издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а се работи на целосно испитување на настанот и утврдување на причините, информираат од Јавното Обвинителство.

12.02.2025 - 09:10

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега