Украина и САД денеска потпишуваат договор за природни ресурси

 


Украина е подготвена да потпише договор за природни ресурси со Соединетите Американски Држави, што можеби ќе се случи уште во текот на денешниот ден, изјавиле извори за Блумберг.

Нацрт-договорот, кој предвидува создавање заеднички фонд за управување со украинските инвестициски проекти, е финализиран и би можел да биде потпишан уште денеска, а украинската министерка за економија Јулија Свириденко е на пат кон Вашингтон за потпишување, рекле изворите.

Во рамките на договорот, САД и Украина ќе настојуваат да создадат услови за „зголемување на инвестициите во рударството, енергетиката и сродните технологии во Украина“, според нацрт-документот во кој Блумберг имал увид.

Вашингтон исто така се согласи со договорот да не ги попречува напорите на Украина за приклучување кон Европската унија, што долго се сметаше за црвена линија за Киев во преговорите.

Истовремено, САД се согласија дека само идната воена помош што можеби ќе ја пружат на Украина по потпишувањето на договорот ќе се смета како придонес на Вашингтон во овој фонд, се наведува во документот.

Украинскиот премиер Денис Шмихал во неделата изјави дека Вашингтон се откажал од инсистирањето во договорот да бидат вклучени десетици милијарди долари помош испорачана од почетокот на руската инвазија.

Договорот „го зајакнува стратешкото партнерство меѓу страните за долгорочна реконструкција и модернизација на Украина, како одговор на големите разурнувања предизвикани од руската инвазија“, се наведува во документот.

Два други технички договори кои ќе одредат како ќе функционира заедничкиот фонд допрва треба да бидат финализирани, рекол изворот.

Американски и украински официјални лица потпишаа меморандум за намери претходно во април и продолжија да ги разработуваат техничките детали на договорот, а последниот обид да се постигне договор пропадна по расправата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателот на САД Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс во Овалната соба. 

30.04.2025 - 16:09

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега