Васил по првата пресуда не консумирал дрога и алкохол, работел со психолог - велат неговите родители
Семејството на обвинетиот Васил Јованов кој ја прегази Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“, денеска изрази сочувство до семејството на Фросина. Тие, заедно со бранителот на Васил, адвокат Сашко Дуковски, на денешната прес-конференција зборуваа за околностите на настанот, нивното длабоко жалење и демантираа повеќе од наводите изнесени во јавноста.
Според изјавите на родителите, Васил по првата пресуда не консумирал дрога и алкохол, работел со психолог. Вечерта на несреќата, по подолго време се напил алкохол при отворање на кафуле на негов пријател. Посочија дека не му дале дозвола на Васил да го управува автомобилот без возачка дозвола и дека тој го украл од нив. Негираа каква и да било поврзаност со судијката Даниела Алексовска Стојановска.
- Ние сме фамилија на која приходите исклучиво им се од плата. Не сме богата фамилија, уште помалку влијателна и немам никаде и кај никого интервенирано за било какво намалување на казните на син ми. Немаме други станови во Скопје. Судијката на случајот воопшто не ја познавав претходно, ја видов во судница. Од аспект на родител не направив ама баш ништо за Васил да поминува неказнет низ системот како што беше кажано. Тоа најодговорно го тврдам, пред Бога и пред вас. Најдлабоко сочувство до семејството на родителите, рече таткото на Васил.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа