Васко Наумовски: Ако беше толку лесно да се отиде во Вашингтон, сите ќе отидеа

 

После изборите и после победата на Доналд Трамп многу држави се обидоа да се доближат до него. Нашата Влада, би рекол, дека имаше една добра оценка и уште пред одржувањето на изборите во текот на самата кампања воспостави блиски релации со тимот на Трамп, кои се покажаа дека можат да бидат добра основа, затоа што добар дел од тие луѓе што беа тука, некои од нив и повеќе пати, ќе извршуваат високи функции во администрацијата на претседателот Трамп, во извршната власт, да не зборуваме и за оние добри односи со бизнис заедницата која е блиска до претседателот.

Ова го истакна унивезитетскиот професор, поранешен вицепремиер за евроинтеграции и поранешен амбасадор на Македонија во Вашингтон, Васко Наумовски, во „Наткас“ со Љупчо Цветановски.

-Е сега задачата на опозицијата и дел од медиумите е секогаш да бара причина да критикува, меѓутоа кога е нешто преочигледно не може да се демантира. Ние имаме ситуација кога премиерот и делегација присуствуваат во Вашингтон на најзначајниот настан, сега вие да имате претставник на вашата држава на толку високо ниво би требало ако ништо друго да го премолчите, затоа што не можете да го критикувате премиерот и делегацијата бидејќи отишле таму, оствариле средби, се обиделе да придонесат нешто за нашите граѓани- тоа им е нив и работа, вели Наумовски и додава:

„Не е едноставно да успеете да имате отворена врата во највисоките кругови во опкружувањето на американскиот претседател. Откако беа остварени тие контакти и самото присуство таму покажува дека Владата имала добра проценка, верувала и ја подржала кампањата на Трамп, односно воспостави една блиска релација. Второ, имате обезбедено покана и присуствувате- ако било толку лесно да се оди без покана, можеле и многу други да отидат на тој настан. Мислам дека треба да бидеме среќни што имаме премиер како никоја друга држава во регионот, што е дел од тие настани, што имал можност да разговара со многу влијателни личности и тие разговори секако се однесуваат за можност да и се помогне на Македонија- дали да се инвестира тука, дали да се зајакне безбедносната соработка…“.

Според Наумовски, понекогаш е добро да има неоснована забелешки или критики за да видиме во суштина колку сме далеку од онаа позиција на толку посакуваното национално единство.

-Се работи за потези во надворешната политика и дипломатијата што треба да бидат подржани од сите, додава тој.

23.01.2025 - 21:08

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега