Документи се чуваат во руинирани депоа - Потребен нов објект за тетовското одделение на Државен архив
Архивскиот материјал што се чува во објектот на Државен архив - Одделение Тетово е во опасност од уништување поради несоодветните услови во кои се функционира оваа установата. Директорката Климентина Ивановска ја алармира целокупната јавност од потребата да се најде нов објект за тетовското одделение на Архивот, затоа што зградата во која работат е од 1929 година.
Во депоата каде што се чува архивската граѓа, се забележува дека ѕидовите или имаат мувла или пак почнуваат да се распаѓаат. Дотраени се и подовите, има непријатна миризба. Во 2018 година била извршена реконструкција на објектот, но само на фасадата, додека внатрешноста останала иста. Голем дел од прозорците на депоата при таа реконструкција се трајно затворени.
- Има потреба од нова локација, бидејќи не се соодветни условите за чување на архивскиот материјал којшто е од историско важно значење за една држава. Би требало да се најдат соодветни услови за чување на документацијата и за вработените да можат нормално да работат. Пред неколку години, обновена фасадата, но внатре останало исто, вели Климентина Ивановска.
Објектот стар речиси сто години е на два ката, но без плоча и со штици.
- Сакав да обновиме со ламинат, ама не може, штици се, ако се отвори тоа, ќе се отворат многу други работи. Решението е во наоѓање на нова локација. Во соработка со Државен архив, јас барав со градоначалникот, ништо не направивме, во меѓувреме и другите во Скопје, бараме локација. Јас сум поблиску тука, до општината да речеме за тоа комуницирав со нив. Се трудиме за да најдеме локација, ќе мора нешто да се смени затоа што ова пропаѓа, вели Ивановска.
Таа потсетува дека вакви документи бараат соодветни услови за чување, со одредена температура, влажност на воздухот и слично.
- Се случувало некои од овие државните установи да бараат проекти кај нас и кога отвораме кутија, во досието проектот е во распаѓање. Тој и кога бил донесен тука не бил во добра состојба донесен, сега од условите уште повеќе се распаѓа, образложува таа.
Архивот во оваа зграда покрај реката Пена во Тетово почнал да работи во 1962 година, а има 320 квадратни метри. Претставува регионален архив за Полог, поранешните општини Тетово и Гостивар и претставува единствен орган од ваков вид со евиденција на 279 иматели на документи од државни управи, државни служби од образование, стопанство, верски институции и слично.
Тетовскиот архив има преземено 795 фондови и збирки преземени од јавни служби. Количина на депониран материјал изнесува 1100 метри должински – при што едно метро содржи 10 архивски кутии, а една кутија содржи 1000 архивски извори. Најстариот документ во Архивот е од 1704 година од тогашната Османлиска држава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа