Дури 600 бебиња во Србија добиле солен раствор наместо БСЖ вакцина
Спроведувањето на БСЖ вакцината против туберкулоза е рутинска процедура за речиси сите бебиња во Србија, но 600 бебиња на Гинеколошко-акушерската клиника „Народeн фронт“ во Белград добиле инјекција со физиолошки раствор во рамото, пишуваат српските медиуми.
Веста според написите ја соопштила Даница Грујичиќ, новоименуваната министерка за здравство во Владата на Србија, истакнувајќи дека децата не се загрозени и дека во наредниот период ќе ја добијат вистинската вакцина.
Грешката ја направила медицинска сестра вработена на оваа клиника, поради што докторот Жељко Милковиќ, вршителот на должноста директор на таа институција, понудил оставка, но таа не била прифатена, пренесува Радио телевизија на Србија (РТС).
Грујичиќ најави и дека се назначени тројца лекари кои ќе се грижат идните вакцини да бидат правилно извршени.
Бебињата ја примаат вакцината пред да заминат од породилното одделение, а доколку се родени надвор од болницата или поради некоја друга причина не е можно да се вакцинираат, децата треба да ја примат до 12 месеци, е објавено на веб-страницата на Институт за јавно здравје во Белград.
Според Правилникот за имунизација и начинот на заштита со лекови издаден од Министерството за здравство, вакцинацијата против туберкулоза во Србија е задолжителна за сите лица, освен за оние со „трајни контраиндикации“.
Туберкулозата не е минато, како што покажуваат податоците на Светската здравствена организација, според кои во 2019 година од оваа болест ширум светот починале 1,4 милиони луѓе.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа