Фон дер Лајен: ЕУ ќе ги зголеми санкциите кон Русија
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека Европската Унија ќе го зголеми притисокот врз Русија и дека работи на нов пакет санкции, вклучувајќи санкции против „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“.
„Тој (рускиот претседател Владимир Путин) повика на прекин на огнот за време на годишнината од 9 мај, што самиот тој никогаш не го почитуваше. Потоа Украина повика на прекин на огнот, што беше поддржано од Европската Унија и САД, но претседателот Путин одби. И конечно, Путин предложи директна средба меѓу Украина и Русија во Турција. Претседателот Зеленски беше подготвен за средбата, но претседателот Путин никогаш не се појави“, рече фон дер Лајен во пресрет на самитот на европската политичка заедница во Тирана.
Според неа, ова ги покажува вистинските верувања на Путин. „Значи, ќе го зголемиме притисокот. Работиме на нов пакет санкции, на санкции што вклучуваат санкции против „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, но и намалување на горната граница на цената на нафтата. И конечно, повеќе финансиски санкции врз рускиот финансиски сектор“, истакна таа.
Таа нагласи дека ЕУ сака мир и дека мора да се зголеми притисокот врз претседателот Путин, пренесува Танјуг.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, исто така, во Тирана изјави дека ЕУ „веќе размислува за следниот пакет санкции“.
Самитот на Европската политичка унија ги собира лидерите од цела Европа – 27 членки на ЕУ и 20 земји кои не се членки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа