(ФОТО) Муцунски: Унгарија е во топ 10 инвеститори во Македонија

 

Министерот Муцунски оствари билатерална средба со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто

Во рамките на Втората меѓувладина седница со Унгарија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Будимпешта оствари одвоена билатерална средба со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто.

Централни теми на разговорите беа тридецениското пријателство и напредокот во севкупните билатерални односи, одличната трговска соработка, како и перспективите и предизвиците во процесот на европската интеграција на нашата земја.

Интензивната соработка што двете земји ја развиваат во изминатиот период е потврда за нивното стратешко партнерство и заедничката заложба за унапредување на дијалогот и натамошно динамизирање на секторската соработка. Посебно беа истакнати одличните економски врски, потврдени со фактот дека Унгарија е меѓу десетте најголеми трговски партнери и инвеститори во Северна Македонија.

На средбата беше нагласена континуираната и недвосмислена поддршка од Унгарија за европската интеграција на нашата земја, која беше особено видлива за време на неодамнешното унгарско претседателство со Советот на ЕУ. Со цел размена на експертиза во областа на ЕУ-интеграцијата, двајцата министри потпишаа акциски план за зајакнување на соработката преку пренесување на знаења и искуства во процесите на европската интеграција и економската дипломатија.

Во изјавите за медиумите, министрите Муцунски и Сијарто нагласија дека оваа средба и договорените активности дополнително ќе го зацврстат стратешкото пријателство и ќе отворат нови перспективи за соработка, како во билатералните односи, така и во мултилатералните формати.

„ Еконоската стабилност и развојот на државите, како и на Европската Унија, зависат од мирот и од проширувањето на Унијата со Западен Балкан. Денес, Унијата има поголем интерес од пристапувањето на земјите од регионот отколку што тие имаат интерес од Унијата. Се согласуваме дека членството во Унијата треба да биде врз основа на 'мерит' систем, но тој систем мора да важи подеднакво за сите, без да се воведуваат билатерални прашања како критериум за напредок. Унгарија отсекогаш ја поддржувала Северна Македонија на европскиот пат, а потпишувањето на денешниот акциски план е уште една потврда на таа заложба“, истакна унгарскиот министер Сијарто.

Упатувајќи благодарност за континуираната, пријателска и принципиелна поддршка што Унгарија ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, како и за сојузништвото во рамките на НАТО, министерот Муцунски потенцираше дека соработката и заложбите за унапредување на отворената и искрена комуникација ќе продолжат да се развиваат.

„Заедничкиот состанок на владите на Северна Македонија и Унгарија е уште еден значаен момент за продлабочување на нашите односи, но и неопходна можност за стратешка координација во време на сериозни политички и безбедносни предизвици. Искрено верувам дека овој состанок е одлична можност за размена на мислења и ставови што значително ќе придонесат за унапредување на севкупната билатерална и мултилатерална соработка, како и за дополнително зајакнување на европскиот мир, безбедност и просперитет“, истакна министерот Муцунски во своето обраќање.

Во одговор на новинарско прашање, министерот Муцунски подвлече дека надворешната политика на нашата држава се заснова на три константи: полноправното членство во НАТО и активното учество како кредибилен член на Алијансата, целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и стратешкото партнерство со САД. „А пред сè и над сè – македонскиот национален интерес“, нагласи Муцунски.

„Сите одлуки донесени во изминатиот период се усогласени со овие принципи и во согласност со националниот интерес. Резолуцијата усвоена од Советот за безбедност на Обединетите Нации е правно обврзувачка и има за цел воспоставување мир. Секако, секој што мисли дека изнаоѓањето решение за конфликт од ваков обем може да се постигне без Соединетите Американски Држави има несериозен и неискрен пристап кон ова прашање.

Ние сме мала држава која има јасен интерес од мир во регионот, Европа и светот, и во согласност со тоа ќе дејствуваме. Секоја одлука што ќе ја носиме ќе биде во рамките на трите постулати на нашата надворешна политика, земајќи го предвид нашиот национален интерес и во консултација со нашите клучни и стратешки партнери“, заклучи Муцунски.

Дополнително, тој истакна дека со Унгарија споделуваме заеднички вредности и национални интереси, насочени кон мир, просперитет и подобар живот за нашите граѓани.

03.03.2025 - 17:54

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега