(ФОТО) Претседателката: Не смееме да ја заборавиме историјата

 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеса прими претставници на Сојузот на борци на Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија - НОАВМ и граѓани продолжувачи: Лилјана Димовски, претседателка на Општинската организација на Сојузот на борци - Тетово, Наум Бурески и Елена Јованова-Груевска, потпретседатели на Главниот одбор.

Како што информира Кабинетот на претседателката, повод за средбата беше најавата за промена на имињата на дел од улиците и именување на досега неименувани улици на територија на општина Тетово.

Како што истакнаа од Сојузот на борци, тие се против какво било преименување на улици коишто носат имиња на национални дејци од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народностите, кои преку многувековните борби ја загарантирале македонската државност.

Како потомок на учесник во Народноослободителната војна, претседателката Сиљановска-Давкова посочи дека не смееме да ја заборавиме историјата и дека почитувајќи ги личностите кои биле дел од антифашистичката борба, покажуваме дека сме биле и остануваме на страната на прогресот. Хероите коишто ни ја донеле слободата, истакна претседателката, не се измислени.

- Нивните имиња кажуваат, нивните имиња раскажуваа историска вистина. Тие се дел од нашето национално и културно наследство коешто мора докрај да го почитуваме, додаде Сиљановска-Давкова.

На претставниците на Сојузот на борци им порача да бидат истрајни бидејќи сите имаме одговорност кон историјата и таа треба да им ја оставиме на нашите деца.
  
- Членовите на Советот немаат право да ја ревидираат историјата, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова. 

04.03.2025 - 19:56

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега