Ѓорѓиевски: Македонскиот јазик е нашиот идентитет и нашата историја

 

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес беше дел од настан по повод одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик, што се одржа во Домот на култура „Билјана Беличанец“. Пред присутните директори, наставници, советници, ученици и еминентни гости, градоначалникот Ѓорѓиевски упати силна порака за значењето на македонскиот јазик како темел на нашиот културен и национален идентитет и за суштинската важност на оваа годишнина.

-Денес сме тука не само да одбележиме еден датум од нашата историја, туку уште еднаш да се потсетиме кои сме. Да се поклониме пред вредноста што нè одржува и нè поврзува низ генерациите – нашиот македонски јазик. Македонскиот јазик постоел многу пред неговата кодификација, но без стандардизирана норма. Живеел во секојдневието на народот, низ говорот, песните, преданијата, народните мудрости... Со неговата кодификација, на 5 мај 1945 година, тој доби официјална систематизација на јазичните правила и закони, како и пропишување задолжителна јазична норма. Тоа беше историски чин со кој му се призна достоинството на еден јазик, и со тоа – на еден народ, македонскиот. Со таа кодификација, македонскиот јазик доби темел врз кој потоа се изградија денешната книжевност, образование, науката, медиумите и културата во целост-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во своето обраќање. 

Во рамки на настанот, тој истакна и една значајна иницијатива чие спроведување започнува во претстојниот период, доделување на примероци од „Правописот на македонскиот литературен јазик“ на сите основни училишта.

- Особено ми е драго што периодов, реализираме една симболична, но исклучително значајна акција – на нашите основни училишта им се доделуваат примероци од правописот на македонскиот литературен јазик, со што не само што го збогатуваме библиотечниот фонд, туку уште поважно – го јакнеме духот на почит кон јазикот што е темел на нашиот идентитет. Оваа акција следува откако во депоата на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ беа откриени неискористени примероци од ова значајно издание, кои со години не биле дистрибуирани и чувани во несоодветни услови, иако биле наменети токму за институции како вашите. Тие во текот на следните денови ќе бидат дистрибуирани до сите основни училишта и конечно добиваат вредно и заслужено место – во училишните библиотеки, каде што ќе им служат на наставниците и на вас, драги ученици, како водич и потсетник за важноста на нашиот јазик. За донацијата на прaвописите, сакам да упатам голема благодарност до директорот на Националната и универзитетска библиотека, г-дин Јовица Никчевски, со кого заеднички, преку ЗЕЛС, ја реализираме оваа акција на ниво на сите општини-истакна Ѓорѓиевски.
05.05.2025 - 14:52

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега