Јаневска: Со повеќегодишен буџет Владата ќе ја поддржи инфраструктурната модернизација на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје

 


Универзитетот „Мајка Тереза“ е нашиот најмлад државен универзитет. Владата е посветена кон обезбедување на ресурси потребни тој и натаму да се развива. Со буџет од 34 милиони евра кои ќе се обезбедуваат етапно, почнувајќи од оваа и во текот на следните пет години, ќе го поддржи градењето на модерен кампус кој ќе биде центар за академска извонредност, за наука и технологија. Студентите и наставниот кадар ќе добијат современи услови за работа и напредување.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната церемонија организирана по повод примопредавањето на должноста ректор на оваа високообразовна установа.

Посакувајќи му добредојде на новата функција на проф. д-р Беким Фетаји, министерката Јаневска изрази очекување дека тој ќе продолжи со визијата за уште поголем раст на квалитетот на студиските програми и со својата стручност ќе придонесе универзитетот да се развива како модерна образовна и научна институција, достојна за поддршката што ја добива.

„Очекувам да внесе нова енергија и да ги мотивира универзитетските професори и истражувачи професионално да напредуваат и да ги инспирираат студентите да тежнеат не само за добивање на диплома, туку да станат вистински академски образувани граѓани, подготвени за меѓународно одмерување на знаењата“, рече Јаневска.

Министерката се заблагодари на досегашниот ректор проф. д-р Изет Зеќири, посочувајќи дека како прв човек на универзитетот и како професор, тој дал важен придонес во градењето на академски генерации кои се веќе интегрирани во општествените процеси и функционирањето на државата.

28.04.2025 - 14:49

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега