Палевски пред судот: Не бегав, турската полиција ме најде во пицерија
Обвинетиот за убиствата на Вања и Панче, Љупло Палевски во судот одговараше на прашањата на обвинителите.
Тој беше прашан зошто самиот не се пријавил во полиција кога во Баликесир видел дека го бараат со меѓународна потерница. Рече дека пред да биде уапсен го вратил клучот од куќата на сопственикот, затоа што сметал дека е јасно дека ќе биде уапсен.
„Без разлика на големината на Баликесир, кога 48 часа сте во градот, не може да знаете каде е судот, обвинителството и полициската станица. Затоа, кажав, дека во истиот ден два пати се вратив во пицеријата, по што, вториот пат бев лишен од слобода, на регуларен, нормален начин. Немам приговори на однесувањето на турската полиција, освен една забелешка, која вашиот претпоставен Бубевски ја злоупотреби. Еден од вработените од Интерпол ме извади во ходник, ме сликаше и сликата по Вотсап му ја испрати на Оливер Спасовски. Подоцна мојот адвокат во Турција ми испрати принтани вести од Македонија, каде ја видов таа слика. Тоа се ваши класични злоупотреби и на предистрагата и на самата истрага, каде ги сликате осомничените и ги праќате по медиуми. Немало бегање и не сум променил град на престој по сознанието дека сум осомничен“, рече Палевски.
Потоа обвинителката му рече дека ако сакал можел и од самата пицерија да се пријави бидејќи бил баран со меѓународна потерница, а прашањето беше насочено кон тоа дали седел без намера да се пријави, Палевски одговори: „И еспресо пиев“.
Додаде и дека не барал полициска станица. На мониторот во пицеријата на сите вести во Турција се гледал себеси.
„Зошто да барам станица кога ќе ме најдат? На 2 декември Дејан Димовски, оној кој вистински ја водел истрагата, а не вие, барал од мојот адвокат Стојков преку телефон да му кажам каде се наоѓам, да му кажам каде сум се движел на 27 ноември. На полицијата ѝ кажав дека сум во Баликесир“, рече Палевски.
Обвинителката Жаклина Јосифовска го праша и каде одел, зашто иако тврдеше дека го боли кичмата и одел во Белград по второ мислење за болеста, со себе немал ни едно ливче од медицинската документација.
„Имав две цедиња во куферот, обвинителството ми ги украде”, кажа Палевски.
Прашан беше и за дента кога беше грабнат и убиен 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, и лицето кое вели дека го сретнал, но рече дека не може да се сети на неговото име и презиме. Додека ја шетав Хера, рече Палевски, среќавав многу луѓе.
„Кога и како ќе се осмели тоа лице да се појави пред судот не знам, но за разлика од ЈО, моите тврдења до сега, како и за пиштолот кој недостасува се поткрепени со материјални докази“, одговори Палевски.
Прашан дали однапред платил кирија за декември и покрај лошата финансиска состојба на партијата за да си обезбеди алиби, Палевски одговори: Токму затоа што не сум правел алиби како што сум можел покажува нешто друго, а не да грабнуваш и убиваш. Дополнително слушнавте дека обвинетите рекоа дека се плашеле од мене, тогаш зошто би убивал кога сум можел само да им наредам да го направат тоа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа