Мицкоски и Рама во Тирана: Градиме заедничка визија за ЕУ
Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска се сретна со албанскиот премиер, Еди Рама, во Тирана.
„Секогаш е посебно задоволство кога со нашите соседи градиме разбирање и заедничка визија. Денеска со премиерот Рама во Тирана имавме исклучително конструктивен и пријателски разговор, исполнет со заемна почит и желба за напредок. Заедно, цврсто чекориме по патот кон Европската Унија, посветени на иднината што ја градиме со партнерство, дијалог и заеднички вредности“, објави Мицкоски на „Фејсбук“.
Мицкоски присуствува на Самитот на Европската политичка заедница, заедно со лидерите и претставниците на земјите од Западен Балкан.
Самитот е посветен на унапредување на регионалната соработка, стабилноста и приближувањето кон ЕУ, при што се потенцираше важноста од заедничко дејствување пред предизвиците со кои се соочува нашиот континент.
„Во отворената дискусија се разменија ставови за клучни теми за зајакнување на поврзаноста на регионот со остатокот од Европа. Нашето присуство и учество на овој Самит е потврда за нашата заложба за активно учество во европските процеси и градење стабилно и просперитетно соседство“, рече Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа