Милошоски: Членовите на Судскиот совет треба да покажат зрелост и да поднесат оставка

 

На вечерашното емитување  во емисијата Тема на денот на Сител телевизија, гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски и го истакна својот став во однос на утрешните инерпелации, и поддржувајќи ги изјави дека дека  функционери кои изгубиле доверба од органот што ги избрал, во овој случај Собранието, не треба да носат важни одлуки. Тој нагласи дека членовите на Судскиот совет кои ќе бидат подложени на интерпелација треба да поднесат оставка, како знак на демократска одговорност и зрелост. Милошоски исто така ги критикуваше СДСМ за тоа што не се придружуваат на неопходните кадровски реформи во Судскиот совет, кои се важни за решавање на незаконитостите што ескалирале во судството.

,,Прво сакам да подвлечам дека утрешната интерпелација е уставно и демократски оправдана согласно членот 72 од Уставот, каде што секој избран и именуван функционер, а овде станува прашање за такви функционери, може да биде предмет на интерпелација, односно изгласување на доверба или недоверба на одреден функционер. Овие петмина членови, избрани од Собранието во изминатиот период, цениме дека секој поединечно даде, за жал, негативен придонес со одредени несовесни постапки, со што се деградира влијанието, улогата и репутацијата на Судскиот совет, а со самото тоа и угледот на целото правосудство. Сметам и очекувам дека утре ќе им биде изгласана интерпелација со многу поголемо мнозинство од она што беше потпишано од 67 пратеници на иницијативата за интерпелација“, вели Милошоски.

Милошоски истакна дека функционери кои изгубиле доверба од органот кој ги избрал, немаат легитимитет да носат важни одлуки. Тој смета дека членови на Судскиот совет кои ќе бидат подложени на интерпелација треба да поднесат оставка како знак на политичка и демократска одговорност.

,,Секој оној на кого му е изгласана недоверба од органот кој што го избрал, по изгласувањето на таквата недоверба, без разлика дали е член на Судскиот совет или министер во Владата, нема легитимитет да носи други сериозни и важни одлуки во телото каде што веќе не ужива доверба. И затоа сметам дека ќе биде најдемократски за секој оној член на Судскиот совет на кого ќе му биде изгласана интерпелација да си поднесе оставка како чин на зрелост и на политичка и демократска одговорност. Кога не уживате доверба од Собранието кое ве бира, тогаш немате ни демократски легитимитет да одлучувате во Судскиот совет. Се надевам дека членовите на кои што ќе им биде изгласана интерпелација ќе имаат зрелост да си поднесат оставка“, рече Милошоски.

Милошоски истакна дека кога сте член на Судскиот совет, веќе не сте судија. Судскиот совет има надлежност да контролира судии, но не е суд сам по себе, и ги обвини СДСМ за непознавање на разликата меѓу правосудните органи, тврдејќи дека не прават правилна разлика помеѓу Судскиот совет и судството.

,,Тој што им го пишувал соопштението на СДСМ, веројатно не прави добра разлика и дефиниција на правосудните органи. Кога сте член на Судскиот совет, вие од тој момент не сте веќе судија. Може да бидете судија, некој да ве предложи, Собранието да ве изгласа или претседателот да ве предложи, но вие од тој момент не сте судија, и Судскиот совет не е суд. Тој има надлежност да контролира судии, но не е суд сам по себе“, прецизираше Милошоски.

Милошоски ги обвини СДСМ дека не се придружува на неопходните кадровски реформи во Судскиот совет, нагласувајќи дека реформите треба да се спроведат не заради мислењето на политичките актери или новинарите, туку затоа што Европската комисија испратила оценска мисија поради ескалацијата на незаконитости во Судскиот совет.

,,И затоа ценам дека е голема штета што СДСМ не се придружува на овој чин на неопходни кадровски реформи во Судскиот совет. Ние реформите во Судскиот совет треба да ги направиме не заради мислењето на поединци или пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, или одредени новинари, или одредени актери во политичкиот живот. Овие реформи треба да ги направиме затоа што самата Европска комисија прати оценска мисија за тоа што ескалираа состојбите во Судскиот совет до тоа ниво да имаме незаконитости“, изјави Милошоски.

Милошоски смета дека треба да се направи комбинација од системски реформи и кадровски промени. Иако е важно да се подобрат законите, тој нагласува дека не може да се постигнат подобри резултати со истиот тим на луѓе. 

„Според нас треба да се направи комбинација од двете можности, од двете препораки. Едната е да се работи на системско подобрување на законите, но истовремено, може да ги имате најдобрите правосудни закони, но не можете со истиот тим на луѓе да постигнете подобри позитивни резултати. Треба да има и системски реформи, се согласувам, но треба да има и кадровски промени. Интерпелацијата е дел од неопходните кадровски реформи во Судскиот совет“, истакна Милошоски.

10.03.2025 - 20:20

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега