Муртезани: Таравари си кокетира со ДУИ
Министерот за европски прашања и претставник на Алтернатива, Орхан Муртезани, во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма, остро го критикуваше својот коалициски партнер Арбен Таравари. Тој го обвини дека го сменил приоритетот на коалицијата „Вреди“ . Обвини дека отворено кокетира со Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Според Муртезани, првичната цел при формирањето на коалицијата „Вреди“ била да се изгради јасна опозиција на ДУИ. Како што рече, да се стави крај на режимот инсталиран со „криминал и корупција“. Сепак, тој тврди дека еден од партнерите, алудирајќи на Таравари, го сменил фокусот и сега приоритет му е бројот на општини што би ги освоил на локалните избори.
„Тој почна да гледа сојузник во ДУИ, тргнувајќи ја бариерата против комуникација со таа партија,“ изјави Муртезани.
Според него, најновите ставови и изјави на Таравари се индикативни за постоење на таен договор со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Како доказ за тоа, Муртезани ја наведе изјавата на Таравари дека Владата не испорачала доволно резултати. Тоа би било алиби за идно приближување кон ДУИ. Тој исто така смета дека изјавата на Таравари за тешката победа во Гостивар со „Вреди“ сугерира можност за настап со ДУИ на локално ниво.
Муртезани потсети дека Таравари добил понуда од 40% од градоначалничките позиции во рамки на коалицијата. Останатите 60% биле распределени на другите три партии. Сепак, тврди дека Таравари инсистирал на посебни, а не заеднички листи, што, според него, било во корист на ДУИ.
„Ако некој мисли дека соработка со ДУИ е начин да се добијат избори, тоа не е нашата визија. Тоа не е „Вреди“, туку е замена на вредностите“, заклучи Муртезани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа