Груевски во Прилеп: Дуплиран е бројот на вработени, „НОВАТА ЕРА“ носи низа нови капитални проекти

 

На митингот кој ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата вечерва го одржуваат во Прилеп, Никола Груевски потсети на сето она што е спроведено изминативе години во градот, но и на крупни проекти од програмата со која Ристески ја бара довербата од прилепчани.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека во 2006-та година во општина Прилеп имало 13.808 вработени лица, а денес бројката на вработени е качена на 26.838 лица. Во мандатот на ВМРО-ДПМНЕ отворени се 13.000 нови работни места во овој град.

-Ние ја изградивме Технолошко индустриската развојна зона „Прилеп“ со инвестиција од 147 милиони денари. Ги оформивме и локалните индустриски зони Прилеп 1 и 2 и во постапка за дооформување сме за Прилеп 3, 4 и 5. Ова е доволен доказ колку ние сме посветени на економскиот развој на општина Прилеп. Дуплиран е бројот на вработени. Ја донесовме странската компанија Гентерм. Истата во моментов вработува 1300 луѓе, а планира уште толку и секојдневно вработува нови луѓе. Фабриката на Акомпласт се гради и очекуваме кога ќе отпочнат со работа да вработат 250 луѓе од Прилеп. Очекуваме и уште една голема мултинационална компанија – ВИК Груп да започне со градба и производство и во прва фаза да вработи 400 луѓе, а во развиена фаза по 2 години да има 1.000 вработени лица од Прилеп. Економскиот тим на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работеше напорно да ги донесе овие инвестиции и нема да дозволиме некој да ги брка или обесхрабрува.  Ние реконструиравме регионални патишта во вкупна должина од околу 80 километри и тоа: регионалниот пат од Прилеп до Македонски Брод, регионалниот пат од Клепач до Новаци, како и регионалниот пат од Прилеп до Кривогаштани. Инвестициите се во вредност од околу 500 милиони денари. Изградивме трета лента на делницата од Дреново до Прилеп (Плетвар), во должина од 10 км и во вредност од над 270 милиони денари. Го изградивме патот до манастирот Трескавец, во должина од 10 км. Инвестицијата е во вредност над 110 милиони денари. Исто така, извршивме надградба на патната делница Плетвар – Фариш – Росоман, истакна Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети дека се инвестирани повеќе од 160 милиони денари во реконструкција на локални патишта во вкупна должина од над 35 километри.

-Извршивме изградба и реконструкција на повеќе улици во Големо Коњари, во што инвестиравме над 10 милиони денари. Изградивме нова автобуска станица, се реконструираше железничката станица и за првпат во Прилеп се организираше и функционира јавен автобуски превоз и истиот ќе се шири со дополнителни линии. Вложивме околу 80 милиони денари во изградба на фекална канализација. Конечно го решивме најголемиот проблем со водоснабдувањето во Прилеп. Инвестиравме над 10 милиони евра за подобрување на водоснабдителната мрежа. Исто така, изградивме нов бунарски систем на локалитетот Орушица – Кишоица – Бегова Ливада, во вредност од околу еден милион евра. Изградивме и доделивме 76 станови за лица во социјален ризик и други ранливи групи. Извршивме санација и реконструкција на 20-тина училишни објекти во општина Прилеп за што се инвестирани над 42 милиони денари. Изградивме 3 целосно нови монтажни училишта во Галичани, Беровци и Чепигово. Изградивме 4 целосно нови спортски сали во средните училишта „Ѓорче Петров“, „Ристе Ристески Ричко“, „Кузман Јосифовски Питу“ и во основното училиште „Добре Јованоски“. Дополнително, вложивме над 70 милиони денари за изградба на 3 фудбалски игралишта, од кои еден терен со вештачка трева, потоа тениски терен, повеќенаменско игралиште и фитнес-зона, а во завршна фаза е уште еден тениски терен, рече Груевски.

Тој потсети дека се извршени целосни реконструкции на Општата болница, на Здравствениот дом и на Центарот за Јавно Здравје- Прилеп. Вкупно се инвестирани 114 милиони денари.

-За најмладите и младите брачни парови отворивме четири детски градинки. Инвестиравме во 200.000 м2 зелени површини. Се изградија 12 паркови и многубројни мали зелени површини. Во делот на културата, целосно го реконструиравме Меморијалниот музеј „11 Октомври“. Ја конзервиравме и реконструиравме Саат-кулата. Извршивме целосна обнова и конзервација на фасади на објекти од старата градска архитектура. Го реконструиравме источниот конак на манастирскиот комплекс „Свети Архангел Михаил“ во Варош и се изгради нов конак во манастирот „Св. Никола“. Целосно ја завршивме реконструкцијата на големата сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“, истакна тој.

Истакна дека во Прилеп се донесени околу 9 илјади решенија за легализација на дивоградби, со цена по едно евро за метар квадратен.

-Продолжуваме да ја следиме нашата патека, со ваша целосна поддршка, со истата љубов и посветеност како првиот ден. Искрено верувам дека изборите на 15 октомври ќе завршат со најдобрите резултати за нашата Македонија. Нашиот народ ќе дојде до соодветни услуги, услуги какви што заслужува. Новата ера за Прилеп носи многу ови проекти од програмата.Ќе продолжиме со изградба на инфраструктурата во новите индустриски зони, ќе ги дооформиме зоните Прилеп 4 и 5 и ќе продолжиме со привлекување на нови инвестиции за намалување на невработеноста. Донесовме 5 странски инвеститори кои ќе инвестираат над 35 милиони евра. Ќе носиме и нови. Започнавме и со гасификација на цела Македонија, за да обезбедиме поевтино и поквалитетно греење но и енергенс за работа на стопанството. За подобар квалитет и стандард на живот, за полесно функционирање на домаќинствата и бизнисите ќе инвестираме 160 милиони денари во изградба на нова и реконструкција на постоечката водоводна и канализациона мрежа која ќе биде во должина од над 60 километри како и изградба на современа станица за третман на отпадни води која целосно ќе ги задоволува потребите за примарно и секундарно пречистување на отпадните води за над 95 илјади жители од Прилеп и регионот, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Вети иозградба на нови водоводни мрежи за жителите во населените места Бонче, Чаниште, Дуње, Лопатица, Шелеварци, Топташ, Манастирот Трескавец и Селце- Манастир „Св. Димитрија“.

-За да ја зголемиме безбедноста од идни поплави, ќе извршиме чистење на коритото на Црна Река. Комплетно партерно ќе ја уредиме градска река по целиот тек и ќе ги доградиме кејските сидови на речното корито. Ќе изградиме нов театар во Прилеп. Прилепските актери и публика ќе добијат театарска зграда изградена и опремена според сите светски стандарди. Ќе ги реконструираме фасадите, инфраструктурата и партерното уредување во старата градска чаршија и централното подрачје. Ќе отвориме 4 нови детски градинки со капацитет за околу 670 дечиња во населбите Рид, Точила, Корзо и Сточен Пазар. Исто така, ќе отвориме дневен центар за стари лица и дневен центар за деца и лица со пречки во развојот. Ќе набавиме нови 10 автобуси и електрични комбиња за јавниот превоз во Прилеп и ќе ги прошириме линиите кон останатите делови на Прилеп и околните населени места.

Продолжуваме со реконструкцијата на стадионот „Гоце Делчев“. Ќе се покријат северната и јужната трибина и ќе се изградат источната и западната трибина. Со ова градот ќе добие спортски комплекс достоен на својата фудбалска историја кој ќе биде изграден согласно високите критериуми на UEFA и на кој ќе се играат вечерни и официјални меѓународни натпревари, истакна Груевски.

Тој најави инвестиции во спортската арена Лагово во нејзино инфраструктурно и содржинско комплетирање, да може арената да организира настани од европски и светски федерации. На прилепчани им порача да очекуваат инвестиција од 60 милиони денари од страна на општината во доизградба на фабриката за отпад и компостара. Ќе се креираат, рече,  нови 100 вработувања во првата фаза.

На големиот број прилепчани им порача дека градоначалникот Марјан Ристески и неговата досегашна работа се гаранција дека и новите ветувања и проекти ќе бидат реализирани.

 

 

 

06.10.2017 - 22:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега