„Алкалоид“ оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – декември 2018 година
Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – декември 2018 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – декември, продажбите достигнуваат 7.506.114.294 денари, што е за 8% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.478.890.871 денари, бележи зголемување од околу 13%, единечната нето добивка изнесува 848.199.257 денари и истата е зголемена за 11%.
Во периодот јануари – декември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 9.783.285.973 денари, што е за 8% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 4%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 10%, надминувајќи за прв пат износ од 100 милиони евра. Од вкупните консолидирани продажби, 37% се остварени на домашен пазар, додека 63% се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 6%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21% и на останатите пазари се остварени 1% од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во Унгарија со продажби од 128.111.848 денари што е 4 пати повеќе од лани, потоа во Полска со продажби од 72.260.692 денари што претставува зголемување од 4 пати и Украина со продажби од 192.130.438 денари што претставува раст од 86% споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Чешка раст од 62%, Грузија, раст од 51%, САД раст од 22%, Србија раст од 21%, Косово раст од 20%, Бугарија раст од 10%, Романија раст од 5%, итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 85%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 22%, Кардиолошките препарати со 17%, Антибиотиците со 14%, Невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 15% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 3%, Козметика со 9% и Билкарство учествува со 3%.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 1.555.516.762 денари бележи раст од 10%, додека нето консолидираната добивка во износ од 862.410.928 денари е зголемена за 7%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари - декември 2018 година изнесуваат 1.081.736.913 денари што е претставува зголемување за 26% во однос на истиот период од 2017 година.
Во периодот јануари - декември 2018 година во Алкалоид се реализирани 212 нови вработувања во Република Северна Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа